Охридскиот ракометен суперлигаш нема да згасне, а до крајот на првенството  ќе продолжи да се натпреварува со младинската екипа. Ова синоќа на состанокот за спас на ракометот во Охрид го договорија локалната самоуправа и малкуте претставници на фирми од градот.


Салата за состаноци беше речиси празна

Фирмите „Метропол Лејк Рисорт“, „Дас“, „ДООЕЛ Чинго“ и „Жито леб“, чии претставници единствено се одзваа на повикот за спас на охридскиот ракомет, ветија финансиска помош, а општината се заложи да обезбеди услови за непречено одвивање на тренизите и натпреварите во салата Билјанини извори.

Целта е клубот да не згасне, а во периодот до завршувањето на сезоната да се изнајде главен спонзор кој во иднина ќе го преземе клубот, рече претставникот на локалната самоуправа Тони Чинго.

Тој рече дека општината нема законско право, ниту можност да раководи со клубот, но таа ќе помогне тој да опстане. Чинго отворено им забележа на спонзорите  Р.К. Климент Охридски,  дека не е фер клубот да се остави сред сезона и да не се исполнат преземените обврски.

Главниот спонзор и еден од основачите на клубот, Кире Колески не присуствуваше на средбата.  Присуствуваше претставник на АД Жито леб, една од фирмите во сопственост на Колески, кој вети финансика помош за клубот.


Од состанокот за спас на ракометот

Со помошта што претствниците на неколкуте охридски фирми ја ветија на синоќешната средба во општината, клубот нема да згасне. Присутните беа речиси едногласни  дека  доколку не се изнајде соодветно решение, клубот во иднина не ќе може да опстане поради што беше договорено ваквите средби да продолжат и во наредниот период , а локалните медиуми да организираат јавна дебата преку која ќе се анимираат други сопственици на фирми да се вклучат во напорите за спас на охридскиот ракомет.

Г. Момироски