Патот на Македонија кон ЕУ и НАТО води преку Охрид и земјата треба да продолжи и натаму да ја развива демократијата во духот на Рамковниот договор  кој треба да озвозможи соживот во едно мултикултурно  општество во кое различните етнички заедници подеднакво ќе ги уживаат своите права. Ова е еден од заклучоците на странските и домашните експерти кои изминатите два дена во Охрид учествуваа на Конференцијата со која се одбележа 10-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.


Искусниот експерт и аналитичар Даниел Сервер смнета дека Македонија треба внимателно да ги следи состојбите во соседството и активно да се вклучи во зачувувањето на мирот во регионот. Според него  земјата треба да покаже храброст и одлучност како во 2001 година и да изнајде решение за спорот со Грција кој претставува огромна пречка за остварување на евроатлантските аспирации на земјата.

– Јас ги разбирам граѓаните кои сакаат Р. Македонија да се ословува со Р. Македонија во меѓународните односи и не сакаат да се грижат околу спогодување со Грција, но интеграцијата во ЕУ и НАТО има голема вредност тоа е огромна придобивка за граѓаните на оваа земје и она што водството треба да го направи е да ја стекне таа придобивка, да измери што ќе добие или изгуби доколку остане сегашната ситуација. Македонија изоде долг пат. Охридскиот рамковен договор помогна да се споречи војна, меѓутоа вие не сте остров и треба внимателно да следите што се случува на северот во Косово, што се случува во Босна и да бидете дел од напорите на меѓународната заедница да се спречи поделбата на Косово и  Босна и Херцегоцина.-истакна Сервер.


Претставникот на ЕУ, Петер Соренсен рече дека Македонија ја има судбината во свои раце, изразувајќи увереност земјата успешно  ќе ги разреши предизвиците кои и претстојат како што тоа го направи во 2001 година.

– Јас сум сосема уверен дека ќе ги надмините прашањата што стојат пред вас. Сроведувањето на Охридскиот договор  ја демонстрира посветеноста на земјата кон европската иднина. Цврсто верувам дека предизвиците што стојат пред нас ќе бидат надминати на ист начин. Оттаму мојата анализа со проценките, има неколку поуки што треба да се извлечат, а треба да се спроведат на еден неконфликтен начин, а тоа е ЕУ, локална сопственост, храброст и гледање напред, рече евроамбасадорот Соренсен.


Довчерашниот амбасадор на САД во земјава, сега заменик државен секретар, Филип Рикер, коментирајќи ги вчера изнесените тези на  лидерот на ДУИ Али Ахмети и неговите барања за поголема вклученост на меѓународната заедница во изнаоѓањето решение за спорот со Грција околу името ,го повтори ставот дека тоа е прашање што мора двете држави сами да го решат.

– Вие морате сами да си го решите тоа прашање. Премиерите на двете држави видовме дека се среќаваат, тоа го поздравуваме и се надеваме дека ќе биде изнајдено решение за прашањето што многу се одолговлече. Нашите ставови се познати, останува на вас, би ви предложил да ги запрашате вашите лидери, што тие прават за надминување на тој проблем, порача Рикер.

Според него Охридскиот рамковен договор е добар модел, решение на 21 век за спречување граѓански војни, разурнувања  и спасување многу животи.

– Такви страдања видовме во други делови на овие простори, во војните во Босна и Косово. Вие во Македонија успеавте тоа да го спречите и треба да се гордеете со тоа. Меѓународната заедница помогна, но останува фактот што вие самите тоа успеавте да го постигнете и токму затоа веруваме дека Рамковниот договор е важен за иднината на земјата. Неговото доследно имплементирање треба да биде насоката преку која ќе се надминуваат предизвиците и проблемите кои постојат во сите држави, особено мултикултурните средини, рече заменик-помошникот државен секретар на САД, Филип Рикер.


Дилеми за важноста на Охридскиот рамковен договор нема ниту кај домашната експертска јавност. Според неа  тој ја постигнал целта и ја спаси земјата од граѓанска војна која ќе имаше далекусежни последици, но смета дека ризиците по однос на Македонија не не се завршени бидејќи одредени состојби  во регионот се рефлектираат и врз земјата.

-Треба подолго време многу внимателно да се однесуваме внатре посебно во градењето на односите меѓу заедниците за да се зголеми отпорноста на општеството и на државата кон евентуално пресликување на одредени надворешни состојби.-рече професорот Владо Поповски, кој беше во советодавна функција на тогашниот претседател при донесувањето на Охридскиот рамковен договор.


Доскорешниот вицепремиер задолжен за спроведување на Рамковниот договор Абулаќим Адеми смета дека е постигнато многу во исполнување на обврските од мировниот договор и дека Македонија е на вистински пат да изгради функционално мултиетничко општество. Новиот министер за надворешни работи Никола Поповски, пак, со оценка дека Охридскиот рамковен договор е успешна приказна, која сеуште не е завршена и дека има простор за напредок. Според него правичната застапеност во институциите не треба да се темели само на квантитет, туку на квалитет, бидејќи само така различните етнички заедници ќе ги почувствуваат придобивките од промените во општеството.

Дводневната кнференција посветена на 10-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор финишира со прием што во чест на учесниците го организира заменик претседателот на Владата Муса Џафери.

Горан Момироски