Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на денешната 47 сесија што се одржува во Париз донесе одлука со која на Македонија и Албанија им се даде дополнително една година за спроведување на корективни мерки односно временска рамка за имплементација на активностите за зачувување на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.

Оваа одлука е резултат на заедничките заложби на Владата на РМ и Владата на Албанија кои беа препознаени од членките на Комитетот и другите надлежни инстанци. Со една заедничка дипломатска офанзива успеавме да обезбедиме уште една година за спроведување на препораките коишто ќе ни бидат важни. Одлуката на Комитетот за нас е поттик и мотивација најсериозно да продолжиме со конкретните мерки кои ќе овозможат итна имплементација на предвидените корективни мерки базирани на препораките на реактивните мисии и од 2020 и 2024 година како и на Стратегискиот план за рехабилитација. Не смееме да си дозволиме однос кон светското, природно и културно наследство на Охридскиот регион како во минатотот, рече на денешната прес конференција министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Потенцираше дека во последните седум години ниту една од препораките на УНЕСКО не била земена предвид, а Владата на РМ со максимален ангажман во координација со сите надлежни институции кои се вклучени во оваа проблематика ќе се посвети на сочувување на статусот на Охрид и Охридскиот регион.

Статусот на Охридското Езеро како светско, природно и културни наследство е зачуван. Овој успех е акт на активна, посветена и координирана дипломатија во соработка со нашите партнери и пријатели од меѓународната заедница. Заедно покажавме дека кога постои јасна волја, координација и одговорен пристап резултаите се неминовни. Неопходно е отворено да се посочи дека ситуацијата која ја наследивме беше резултат на години запоставување, неодговорно управување и недостаток на суштински мерки од страна на претходната влада. Свесни сме зачувување на статусот е прв чекот. Пред нас стои обврската да обезбедиме долгорочна заштита, одржливо управување и повторно да ја изградиме довербата во институциите и капацитетот на државата да се грижи за своето највредно природно и културно наследство, посочи министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Инаку, Комитетот претходно предложи регионот на Охридското Езеро да се стави на Листата на светско наследство во опасност, со цел да се поттикне порешителна акција и да се обезбеди запирање и враќање на деградацијата на атрибутите што ја пренесуваат извонредната универзална вредност (OUV) на имотот.

Н.С.Ј.