Студентите кои се сместени во Студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид имаат попристојни услови за престој, за разлика од студентите кои живеат во државните студентски домови во Скопје. Станарите на домот, со кој успеавме накратко да поразговараме велат дека се задоволни од моменталната состојба на овој сместувачки капцитет.

-Од она што можевме да го видиме на интернет, за мизерните услови во студентските домови во Скопје, може да кажеме дека сме имале среќа да избереме да студираме во Охрид, бидејќи тука реално условите за државно сместување се далеку попристојни. Секако има и одредени пропусти, но во глобала состојбата е добра, ни изјавија двајца цимери, студенти на Универзитетот за информатичка технологија во Охрид. Според нив единствено нешто кое што би сакале да го имаат како дополнителен услов е повеќе часа топла вода во текот на денот и неделата.

Од управата на студентскиот дом во кој моментално се сместени вкупно 195 студенти, велат дека вложуваат максимални напори да го одржат сместувачкиот објект во оваа состојба.

-Домот располага со 90 соби, во секоја соба има бања, за разлика од останатите студентски домови каде што се користат заеднички бањи. Исто така секоја соба има интернет конекција, тераса и потребен инвентар. Во последниве неколку години имаме вложено многу средства во инвентарот на собите, направивме нови ноќни масички и маси за пишување. Исто така имаме реновирано околу 20 бањи, целосно е променета покривната конструкција на објектот, а извршено е санирање на котларата и пералната кои беа опожарени пред извесен период, вели директорот Марјан Ристески.

Тој најави дека во иднина планираат уште неколку инвестициски зафати за подобрување на условите за престој.

-Оваа година во програмата за работа имаме зацртано да опремиме 50 проценти од собите со нови кревети. Приоритет е да се промени надворешната дограма односно прозорците, а потребни се и бројни зафати во санитарните јазли. Исто така планирано е да се постави и видео надзор во заедничките простории на домот, појаснува Ристески.

Тој нагласи дека доколку ги немаат на располагање приходите од комерцијалното туристичко работење на домот, во месеците јули и август, објектот не би можел да се одржува на овој начин.

Според законската регулатива, за студентите кои што ги исполнуваат условите за сместување во студентските домови, на месечна основа, државата обебедува 3.410 денари, а 3.895 денари плаќаат самите студенти. Тоа значи дека добиваме 7.300 денари по студент. Доколку оваа сума се подели на 30 дена, би добиле дневно околу 230 денари по студент. За овие пари ние треба да обезбедиме ручек и вечера за студентите, плата за вработените и да ги покриеме сите трошоци во однос на вода, струја, нафта и тековно одржување. Тоа значи дека од овие средства речиси е невозможно да се издвојат пари за било какви реконструкции и инвестиции во објектот, вели Ристески.

Тој потенцираше дека управата има воспоставено добра комуникација со студентите и дека ги земаат во предвид сите нивни поплаки и молби.

-Има Совет на станари, кој е составен од пет студенти. Во консултација со нив го изготвуваме менито за исхрана, термините за топла вода и сите останати услови. Секогаш се трудиме да им излеземе во пресрет, вели Ристески додавајќи дека и самите студенти треба да имаат поголема свест да и да не ги оштетуваат просториите и инвентарот.

Е.М