Осум театри во Македонија се опремени со нова и современа сценска, светлосна и тонска опрема, во рамки на владиниот проект и на Министерството за култура, за чија цел се издвоени средства во висина од 17,6 милиони денари. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска на прес-конференција информираше дека со квалитетна и софистицирана опрема од најреномираните светски брендови целосно опремени се: Народниот театар во Охрид, Драмскиот театар, Театарот за деца и младинци, Народниот театар Битола, како и театрите кои работат во состав на центрите за култура во Прилеп, Куманово, Штип, Струмица. Со овој проект се набавени разни типови светлосна опрема (рефлектори, ламби, пултови, филтри и друга помошна светлосна опрема), тонска опрема (звучници, засилувачи на звук, аудиомиксери, микрофони), сценска опрема како завеси, практикабли и видеоопрема, пред се, видеобимови.
Канческа-Милевска потсети дека реализацијата на проектот произлезе од анализата која Министерството за култура ја направи во соработка со институциите, по која се утврдило дека постојната опрема на театрите е навистина дотраена и постои неопходност од нејзина замена. Анализата ја утврдила потребата од опремување на 8 од постојните 15 театри во Република Македонија кои технички се опремени во периодот од 1980 до 1983 година и оттогаш нивните потреби за набавка на нова техничка опрема се инцидентно решавани. Министерката за култура нагласи дека со овој проект не биле опфатени театрите за кои се градат нови објекти, како што се Албанскиот, Турскиот, Струмичкиот и Тетовскиот театар, додека, пак, МНТ и велешкиот театар веќе имаат подобра и поквалитетна опрема од повеќето реномирани театарски куќи во регионот и пошироко.
Канческа-Милевска потенцираше дека преку со оваа опрема театрите ќе можат создаваат продукции кои се пандан на претставите на еминентните институции од регионот и пошироко, продукции кои изобилуваат со сценски, тонски и светлосни ефекти кои се во функција на создавање на квалитетни театарски остварувања.
-Сценската технологија е срцето на театарот и во таа смисла верувам дека со оваа опрема ќе се унапреди работата на театрите во нашата држава и нивното целокупно функционирање во техничко-технолошка смисла, рече Канческа-Милевска.
Таа нагласи дека проектот ќе има сериозно позитивно влијание врз театарската продукција во нашата држава, но и врз збогатувањето на културната понуда за граѓаните кои годинава со поддршка на Министерството за култура ќе можат да погледнат 125 квалитетни проекти од драмската дејност, 76 претстави од професионалната продукција, 26 фестивали и манифестации и 22 аматерски претстави. На прес-конференцијата беа присутни и директорите на театарските куќи кои добија современа опрема, кои ја поздравија реализацијата на овој проект, при што акцентираа дека со технолошкото опремување на театрите значително ќе се подигнат стандардите на продукција на драмските дела.
OhridNews