Охридскиот Црвен крст останува меѓу најдобрите десет општински организации во Македонија, не само поради бројните реализираните активности, туку и според бројот на крводарители и собрани единици крв. Од републичкиот Црвен крст се надеваат дека ова реноме Црвен крст Охрид ќе го задржи и во периодот кој следува.

Охрид има голема традиција во однос на крводарителството. Од 2006 до 2013 година планските обврски во однос на остварување на реализацијата на процентот за крводарување ги исполнуваше во просек од 140 проценти, мал пад се бележи последните две години и изнесува 87 и 76%, но Охрид има потенцијал да се врати на старите реализирани проценти и дарувани единици крв, вели Глигор Новачевски, одговорно лице за крводарителство во Црвен крст Македонија.

Од општинскиот Црвен крст изразуваат задоволство од исполнувањето на планот и тоа што се менува возрасната структура на крводарителите, меѓу кои се поголем е бројот на младите крводарители.

Задоволни сме од исполнувањето на планот на крводарителски акции и од собирањето на крвни единици. Благиот пад во последните две години е резултат на тоа што неколку акции беа откажани затоа што беа дадени препораки дека повеќе не може да се реализираат на отворено, под шатори, па дел од нив се одвиваа на други блиски локации, вели Мимоза Ставрева од Црвен крст Охрид.

Во пресрет на одбележувањето на 17 март, Денот на крводарителството во Република Македонија, денес по иницијатива на општинскиот Црвен крст се организира јавна трибина на тема „Доброволно крводарителство-потреба и предизвик“. На трибината зедоа учество крводарители, стручни лица од Институтот за трансфузиона медицина на Р.Македонија, пациенти, претставници на Клуб 25 на крводарители при Црвен крст Охрид и заинтересирани граѓани.

Присутните имаа можност да зборуваат за крводарувањето, потребите на крводарителите,  какви се состојбите во земјата и општината.

Т.К.