Во услови на светска економска криза која силно се чувствува во туризмот, како и голема антикампања поврзана со случувањата околу Охридското Езеро, Охрид е соочен со сериозен предизвик пред претстојната главна туристичка сезона. За разлика од минатата, оваа година најавите и резервациите во охридските хотели се поголеми и засега нема откажувања, информираат од ХОТАМ. Сепак во хотелската асоцијација не се преголеми оптимисти, најмногу заради хаосот кој владее во македонскиот туризам.
Песимизам и критики стигнуваат и од туристичките агенции. Охрид, како што посочуваат тие, нема дефиниран туристички производ, нема стратегија, ниту соодветна понуда и оттаму час поскоро е потребно туристичките работници да се мобилизираат и организираат, зошто во спротивно туристите и натаму ќе го заобикулуваат македонскиот туристички бисер.
За разлика од туристички неорганизираниот Охрид, земјите од соседството реагираа навремено и исфрлија евтини аранжмани кои на големо се рекламираат на светскиот пазар. Така во Црна Гора, на Јадранското Море се нудат десетдневни аранжмани за 99 евра. Аранжмани по намалени цени нудат и Грција и Бугарија, а слични најави има и од Хрватска.
И додека соседите од каде доаѓаат и најголемиот број туристи во Охрид се мобилизираат, институциите задолжени за развој и поддршка на туризмот бавно реагираат. Освен презентациите на туристичките саеми, без некој поголем ефект, речиси ништо конкретно не се случува во реалниот сектор. Кога на тоа ќе се надоврзе лошата патна инфраструктура и неискористениот аеродром на кој едвај слетува по некој авион неделно, не е ни чудо што состојбите во охридскиот туризам се такви какви што се. Посебна приказна е нелојалната конкуренција и илјадниците викенд станови, чиј број наскоро драстично ќе се зголеми со изградбата на неколку новопроектирани населби. За сите наталожени проблеми во туризмот кој треба да биде двигател на економскиот развој во Охрид надлежните молчат. Од незаинтересирараност или интерес, немоќ или неспособност, сеедно, охридскиот туризам вози во рикверц.