Министерството за здравство на свеченост што се одржа вчера во Скопје додели решенија за парична награда од 30.000 денари на 40 најдобри доктори за јануари согласно проектот за плаќање по успешност и проектот на Владата за наградување на 100 најдобри доктори.
Меѓу наградените е и Д-р Горан Балевски, уролог во општата болница во Охрид.
-Пријатно сум изненаден од признанието, кое навистина годи ако се има предвид дека во моментот одделението за урологија во охридската болница работи во импровизирани услови, поради реконструкцијата на болницата, која според најавите наскоро ќе биде завршена и пуштена во употреба, изјави за OhridNews Д-р Балевски.
Д-р Балевски, хирург – уролог, до сега има извршено 4000 операции, а само минатата година тој број изнесува 300. Добиеното признание е потврда на големата стручност и посветеност на професијата на Д-р Горан Балевски.
Решенијата на докторите им ги врачи министерот за здравство Никола Тодоров, кој изрази очекување дека бројот на наградени доктори ќе се зголемува од месец во месец.
Инаку, покрај охридската болница, наградени доктори има уште и во Клиниката по хирушки болести „Св Наум Охридски“, Градската општа болница „8 Септември“, клиниките за урологија, за кардиологија, за неврологија, за очни болести, за кожно-венерични болести, за радиологија, за стоматологија, Детска хирургија, Детската клиника, од болниците во Велес, Гостивар, Куманово, Тетово, Прилеп, Струмица и Штип.