Активисти на бригадирското здружение „Брег на младоста“, денеска, реализраа еколошка акција за чистење од отпад на зелените површини покрај коловозот на патниот правец Охрид – Св. Стефан.
-Решивме во очи најавените политички самити да го исчистиме градот. Тој е убав, но секогаш може да биде поубав. За таа цел спроведеме еколошка акција. За жал има доста отпад покрај коловозот, но нам не ни е тешко и ќе го расчистиме просторот, изјави Зоран Стевоски од бригадирското здружение „Брег на младоста“.
Денешните активности се дел од подготовките за претстојната средба на акцијашите од Балканот што ќе се одржи во Охрид од 31 мај до 2 јуни. На средбата се очекува да учествуваат околу 150 акцијаши од триесетина балкански градови.
Инаку вакви акции во минатото, особено во поранешната држава, беа редовен декор околу значајни датуми, каков што е 25-ти Мај кој во бивша Југославија се одбележуваше како Ден на младоста. Еко акцијата случајно се поклопува со денешниот датум, бидејќи поради најавените политички настани единствен слободен термин за спроведување на нашите активности беше токму денешниот ден, посочија охридските акцијаши.