На продолжението на петнаесетата седница на Советот на Општина Охрид, денеска, со мнозинство гласови советниците ги усвоија предлог одлуките за извештаите за работа на Јавните претпријатија „Билјанини извори“, „Водовод“, „Градски грбоишта“, „Градски пазар“ и „Нискоградба“ за периодот од 01.04 до 30.06.2022 година.

Советничката од СДСМ, Живка Ангелоска истакна дека во поглед на извештаите само едно јавно претпријатие има поинаква состојба за разлика од претходниот период и бележи загуба во ово ј период, а тоа е ЈП „Градски гробишта“.

ЈП „Водовод“ има зголемен прилив, потенцираше Ангелоска, но подобрување треба да има во однос на поголема реализација на оперативните приходи кои се намалени во однос на минатиот период, што можеби е и ситуација само со овој квартал, а ќе биде подобра во наредниот период, напоменувајќи дека продолжуваат и задолжувањата кон добавувачите. ЈП „Нискоградба“, вели, ја следи истата траса како и претходно.

Кај ЈП „Билјанини Извори“ не може да се направи компарација бидејќи истата се прави на исти ставки, а во овие извештаи се наведени збирно остварените приходи.  Апелирам секогаш да се свртиме на основната дејност на јавното претпријатие зошто ако се погледне и претходно и сега приходите од паркингот претставуваат основен извор на финансиски средства.  ЈП „Градски пазар“ е кревко според дејноста и не работи со исто темпо преку целата година. Самата природа на дејноста ни дава аргументи дека треба да очекуваме добри резултатите во вториот и третиот квартал за разлика од првиот и четвртиот каде апсолутно приходите се намалени и многу често истите завршуваат со загуба. Затоа ова претпријатие треба да го даде максимумот во третиот квартал во оставрување на приходи за да може да ја заврши годината со позитива. Има прикажано зголемување на закуп на тезги, но намалување на приходите од дневната пазаришна такса. Евидентно е и зголемување на паушалите на членовите на Управен и Надзорен одбор, како и на адвокатски трошоци, репрезентација, службени патувања. Во однос на приходната стапка во останати финансиски приходи има износ од 389 илјади денари кој споредбено со истиот квартал минатата година има големо зголемување, зошто претходно изнесувал 74 илјади денари, вели Ангелоска.

Наведувате, додава, дека овој износ е од учество односно депозит за лицитација и дека еден дел од тие средства ќе бидат рефундирани на оние учесници на лицитацијата кои не биле избрани, поради што и нема јасен показател за остварени приходи.

За ЈП „Охридски Комуналец“ за кое мнозинството од советниците дадоа зелено светло за покачување на цените за услугите, сметам дека фалеше финансиска анализа и аргументи, пред да се изгласа покачувањето бидејќи можеби цената е прениска, но и превисока. Ако имавме финансиска анализа и аргументи може ќе ни беше полесно на сите. Намалување има на голем износ на трошоците за гориво што е за пофалба. Ако заземе став за економично и домаќинско работење и ако заземеме став дека зголемувањето на цените претставува нужност, одредени ставки не се во оваа насока. Исто така, и зголемените трошоците за адвокатски услуги што е случај и со другите ЈП-ја, како и зголемување на паушалите на членовите на Управен и Надзорен одбор. Ако сакаме да ги намалиме трошоци треба да се внимава и на вработувањата, факт е дека ова јавно претпријатие е превработено нананзад со години не од доаѓањето на новата локална власт, додаде Ангелоска.

1.200 000 денари изнесува загубата на ЈП „Градски гробишта“, рече Ангелоска, а доколку има една ваква состојба и неможе сами да ја изменаџираат, не е потрбно вработување на технички директор.

Апелирам да не го реализирате тоа работно место врз основа на финансиската ситуацијата или можеби подобро е да ангажирате дипломиран правник со што ќе ги намалите трошоци за адвокатски услуги зошто е забележано огромно зголемување за овие услуги. Нашата заедничка цел треба да биде обезбедување на финансиска стабилност на секое претпријатие како предуслов за добар квалитет на услугите кои се испорачуваат кон граѓаните, истакна Ангелоска.

Претседателот на Советот на Општина Охрид, Сашо Донев, потсети на тоа дека ЈП „Градски гробишта“ произлезе од ЈП „Охридски Комуналец“ на времето кога требало да се направат повеќе ЈП-ја за да се вработат повеќе луѓе, додавајќи дека оттогаш до денес и ЈП „Градски гробишта“ и ЈП „Градски пазар“ имаат недостиг на финансиски средства и не можат да ги покријат платите за вработените, а не и нешто да преземат сами.

ЈП „Градски гробишта“ функционира на начин што општината наоѓа пари да му купи парцели за гробни места, а претпријатието си ги продава парцелите. Во изминативе две години на ковид криза, ЈП „Градски гробишта“ и кога минатата локална власта се фалеше дека е одблокирана сметката, се продадени над 250 гробни места. Кога беше потребно секојдневно повеќе од десет гробни места дневно се продаваа, а граѓаните плаќаа 80 000 до 100 000 денари. Тие гробни места се наплатени, но не се изработени. Сега јавното претпријатие треба да обезбедува средства за дел од тие продадени гробни места за да ги изработи, рече Донев.

Потенцираше и дека ЈП „Градски пазар“ до ден денес зависи од општината дали ќе му даде некоја работа или не за да може да даде плата на вработените, додавајќи дека не се зголемени паушалите на Управните одбори, туку од претходните години не се исплатени преку 400 илјади денари за Управни и Надзорни одбори, односно се исплаќаат стари долгови.

Во однос на ЈП „Водовод“ се додека ја префрламе топката едни на други ќе дојде моментот за брзо, после Нова година, кога Регулаторната комисија ќе формира цена. Приходите иако растат, бројот на вработени е намален, направени се и водоводни линии што ќе се види во другиот извештај, но последната сметка за струја е 14 милиони денари. Од 4 милиони е зголемена на 14 милиони денари. Според вкупните приходи и расходи ќе се формира цената на водата за пиење и доколку не донесеме ние Одлука на Совет, Регулаторна ќе ја формира и граѓаните ќе плаќаат дупло повисока цена на вода за пиење. Владата со сите работи кои ги реши си донесе и Одлука и спортската сала е одземена од Општина Охрид не знам поради кои причини. Директорот на ЈП „Билјани Извори“ не само што не може да најде начин како да функционира, бидејќи најголем расход е потрошената електрична енергија, дополнително сите деловни простории кои се наоѓаат во салата не може да ги издаде, а и започнатиот проект за фотоволтаици на кровот на спортската сала не може да го реализира, истакна Донев.

Во ЈП „Охридски комуналец“ сметководствените работници на едно конто книжеле се, вели Донев, додавајќи дека се уште немаат точни податоци за финансиската сосотојба на ЈП, пради што е  ангажирана приватна сметководствена куќа за да ги среди конатата во претпријатието.

За ЈП „Нискоградба“ сум сигурен дека во идниот период ќе ја одблокираме сметката и повеќе нема да течат долгови, извршни решенија и камати и ќе може да се разговара за развој, за инвестиции, нови возила и ново напредно јавно претпријатие. Сигурен сум дека и ако ЈП „Комуналец“ продолжи вака на крајот на мандатот можеби ќе се пофалиме со уште едно претпријатие кое ќе ја одблокира сметката. А останатите ЈП-ја како што тоне државата, ќе тонат и тие. Како што ќе расте цената на електирчната енергија ќе раснат и долговите. Имаме вработени за коишто за два три месеци ќе се мислиме како им дадеме плата, а не да ги завршиме услугите кои ги плаќаат граѓаните. Сите градови и општини по моја информација кои имаат државно земјиште во моменотов бараат инвеститори за изградба на фотоволтаици, за да можат дел од трошоците кои ги имаат за електирчна енергија да ги покријат. Но, очиглено ние сме многу назад и кога ќе дојдат сметките за струја да ги плаќаме ќе сфатиме што сме направиле, додаде Донев.

Воедно, потенцираше тој, Општината уште долго време ќе издвојува средства од буџетот за јавните претпријатија, но посочи дека ситуацијата е аларманта и не е баш сигурен дека со ваквото функционирање и расходите истата ќе се надмине во идниот период.

Советниците дадоа зелено светло и за предлог одлуките за давање донација на ДПД Ентузијаст Охрид- Дебрца, за партиципација и сопствено учество на општина Охрид во проектот „ Развој на спортски туризам во општина Охрид – изградба на вежбалиште за голф “, за формирање на општински совет за социјална заштита, за формирање на координативно тело за оценување на имплементација на трет локален еколошки акционен план на општина Охрид, за пренесување на правото на користење на ПМВ возило марка „Мерцедес “ – сопственост на општина Охрид на ЈП „Водовод“ Охрид.

Н.С.Ј.