Неуредена околина, несоодветни санитарни јазли и оштетена опрема се само дел од проблемите со кои се соочуваат охридските автокампови. Токму оваа состојба е главната причина поради која од година во година опаѓа интересот на туристите за камперско летување. Мал е интересот и кај странските кампери кои иако со своите автокамп-возила често доаѓаат во Охрид, речиси и воопшто не се интересираат за престој во камповите.

-Во камповите најчесто преку лето летуваат младите кои доаѓаат на одмор во друштва или во парови. Семејните летувања кои порано беа карактеристични за охридските кампови може да се каже дека исчезнуваат. Исто така карактеристично за минатото беше и летувањето во шатори, кое денес речиси и воопшто го нема, велат охридските туристички работници.

Тие потенцираат дека освен реновирањето на камповите и подобрувањето на условите за кампување, потребна е и нивна поголема промоција.

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија велат дека очекуваат состојбата со автокамповите да биде подобрена во согласност со Законот за автокапови кој беше донесен пред повеќе од една година.

-Од Февруари 2013 година во сила стапи Законот за автокампови кој ја регулира таа материја. Целта на Законот е развој на туризмот со привлекување на странски и домашен капитал за формирање на нови автокампови и модернизација на постоечките. Во охридскиот регион опфатени се автокамповите „Градиште“, „Елешец“ и „Андон Дуков“, но постои и можност за формирање и на нови автокампови, информирата од АППТ.

Оттаму објаснуваат дека во рамки на проектот за развој на автокаперскиот туризам ќе се изработат промотивни материјали за промоција на автокамповите кои ќе бидат презентирани на специјализирани саеми за автокампови.

Е.М