Синоќа Центарот за култура „Григор Прличев“ беше место каде се оддржа голем хуманитарен концерт, на кој настапија неколку охридски музички ѕвезди, хорот и оркестарот при гимназијата „Св. Климент Охридски“, како и млади и талентирани музичари од градот.
Целта на настанот во организација на ОО Црвен крст Охрид заедно со волонтерите од ЦКА/ПХВ програмата, беше да се промовираат хуманите вредности на дело.
„ЦКА/ПХВ програмата или промоција на хумани вредности, е национална програма која веќе 16 години се спроведува во целата земја. Целта на истата е младинците на возраст од 14 до 18 години да ја истражат заедницата и да видат какви потреби има околината. Со мали проекти да им се помогне на сите оние на кои им е неопходна помош.“ – вели Јованка Сион Доленц, од Црвениот крст Охрид.
Младите од ЦК Охрид ја покажаа хуманоста на дело
Како што информираат од Црвениот крст Охрид, собраните средства од синоќешниот концерт ќе покријат дел од проектите на ЦКА/ПХВ програмата наменети за ранливите категории граѓани.
„Овој концерт во суштина треба да покаже што точно ние имаме сработено. Со дел од средствата ќе се обезбеди ламинатен под во Центарот за лица со посебни потреби во „Св. Ѓоргија“, шпорет за самохрана мајка, оплеменување на ѕидот од ОУ „Св. Климент Охридски“ каде учат деца со посебни потреби, а ќе бидат обезбедни средства за девојче од социјално загрозено семејствот за да може да отпатува на ескурзија со нејзината генерација.“ – додава Сион Доленц.
Охридските бендови активно вклучени во акцијата
The Backdoor Band, Камелеон, Жармена, Ѓоко Танески, Angry Birds, Ансамблот „Билјана Јуниор“, оркестарот и хорот при гимназијата „Св. Климент Охридски“, како и талентираниот тапанар Климент Боев, синоќа беа дел од големиот хуманитарен концерт, директно вклучувајќи се во акцијата на Црвениот крст од Охрид.
„Дојдени сме тука на хуманитарниот концерт, бидејќи секогаш поддржуваме вакви акции кога сме во можност. Овие работи треба да бидат поттик повеќе за сите останати луѓе, граѓани и претставници од приватниот сектор, активно да се вклучат во хуманитарните акции и хуманоста да ја покажат на дело.“ – велат момците од The Backdoor Band.
The Backdoor Band најавуваат албум во јуни?
Охридските хард-рокери во изминатиов период ја „преплавија“ македонската музичка сцена со голем број настапи ширум земјава. Покрај Охрид, нашите сограѓани редовно настапуваат во Скопје, Битола и Штип.
„Покрај бројните настапи, моментално работиме на авторски материјал. Планирано е деби-албумот да излезе до почетокот на јуни месец, но како ќе испадне ќе покаже времето. За сцената во Охрид можеме да кажеме дека се подобрува, а задоволни сме од смерот по кој се движат работите. Нормално, се бориме и нема предавање.“ – вели охридската хард-рок „багра“.
Angry Birds – нов бенд на охридската музичка сцена
Веќе неколку месеци, градот е побогат за уште еден надежен рок бенд. Се работи за петчлениот состав Angry Birds, чија постава од декември функционира како една целина.
„Во овој состав свириме од декември месец минатата година. Имаме некои зацртани проекти, но засега е рано да откриеме за што станува збор. Имаме доста обврски и ни претстои снимање, а имаме и авторска песна. Влијанието го имаме рок бендови, бидејќи со таа музика сме израснати.“ – велат од Angry Birds.
Тапанарот Климент Боев – ги „занеме“ присутните
„Шлаг на тортата“ на синоќешниот хуманитарен концерт во Центарот за култура, беше младиот тапанар Климент Боев. Со уникатниот соло перфоманс, талентираниот охриѓанец ја воодушеви бројната публика, докажувајќи дека во Охрид уште долго ќе тлее квалитетна „метал-музика“.
О.Т.