На еден од најголемите светски фестивали на кои се презентираат стекнатите вештини и мултитаскинг техники од БРЕИНОБРЕИН програмата, што на 5 декември се одржа во Дубаи, во конкуренција од 2000 натпреварувачи, седум охридски генијалци од Центарот за развивање на животни вештини при Црвен крст Охрид кои ја следат БРЕИНОБРЕИН програмата, освоија вредни награди и признанија.

Уште при отворањето на центарот пред пет години им ветивме на нашите деца дека ќе ги однесеме во центарот во Дубаи. Кога дознавме дека таму се одржува седмиот по ред интернационален натпревар добивме идеја да ја оствариме нашата замисла. На почетокот тоа ни изгледаше како невозможна мисија, но успеавме да отидеме. Од нашиот центар се натпреваруваа седум деца и две од Скопје. Организацијата беше беспрекорна, тоа беше едно големо искуство и се вративме со многу позитивни впечатоци, вели Царева Рувинова, координатор на Бреинобреин- Охрид.

Учесниците од Охрид и Скопје од Дубаи се вратија со освоени 4 трофеи и пет сребрени медалји.

Освоив сребрен медал, беше тешко да се освои во толку силна конкуренција бидејќи многу добри беа децата, од 2000 само 300 освоија награди, од нашиот центар сите.

-Многу сум задоволна,освоив пехар, за да ја освојам оваа награда требаше да вложам голем труд да вежбам и би сакала пак да одам ако имам можност.

-Радосен сум и среќен што учествував.Кога требаше да ги доделат наградите,кога го слушнав моето име бев многу возбуден и ми беше чест да ми дадат пехар.

-Многу бев возбуден пред натпреварот, но таму имаа посебни тактики за да ни ја разбијат тремата и кога го решивме тестот и кога ни ги доделуваа наградите и кога ги слушнавме нашите имиња бевме многу среќни, ги пренесуваат своите впечатоци охридските Бреинобреин генијалци.

Од охридскиот центар нагласуваат дека учеството на натпреварот во Дубаи е потврда повеќе за успешно реализираните програми.  

За мене како тренер ова искуство е од исклучителна важност. Сакав да видам како ние се развиваме, и се уверив дека програмата според која ние работиме воопшто не заостанува  во однос на онаа во останатите центри.Истовремено и нашите деца имаа можност да видат каде се со своите знаења во однос на останатите врсници во центрите низ светот, објаснува Валентина Кузманоска, тренер во Бреинобреин Охрид.

Бреинобреин центарот во Охрид го посетуваат 75 деца. Во план за наредниот период е  да се учествува и на натпреварите во центрите во Франција и Норвешка.

Т.К.