„Охрид, охрид убав мил“,„ Јас сум мома охриѓанка“,„ Ај ферман дојде од стамбола“- се само дел од песните со кои генерации и генерации охриѓани ги славеле своите веридби, свадби, крштевки. Старите охриѓани се сеќаваат дека ниту една семејна веселба, во минатото, не минувала без староградските песни најпрво испеани од групата на Садило, а потоа од страна на познатиот охридски ансамбл „Билјана“, познат насекаде низ некогашните југословенски простори.

Составот формиран во далечната 1957 година од Кузман Поп Стефанија, Сотир Димитроски – Сингл,  Бајрам Адем, Душко Мареноски, Ташко Петроски и Томче Луканоски згаснува во 2002 година, но од пред две години нивниот пат го продолжува новиот ансамбл „Билјана“, овој пат составен од група млади охриѓани, кои верно ги следат стапките на некогаш најпознатиот ансамбл на староградски чалгии.

Идејата да го формираме ансамблот „Билјана“ по урнек на стариот ансамбл, потекна од мене и мојот стрико Кузман Поп Стефанија, со чија музика сум израснал. Во нашата фамилија сите членови се музикални и староградската песна е незоставен дел од секоја семејна веселба. Од секогаш сум ја слушал и сакал староградската музика, затоа и му предложив на мојот стрико да формираме нов состав, а тој да не подучува. Кузман веднаш се согласи, раскажува за формирањето на новиот состав, еден од членовите, Јован Поп Стефанија.

OhridNews присуствуваше на една од пробите на ансамблот „Билјана“. Во весела и опуштена атмосфера со многу позитивна енергија течеше пробата, една од многуте кои редовно се одржуваат, се разбира во присуство на еден од основачите на некогашниот ансамбл „Билјана“, Кузман Поп Стефанија.

Со секоја проба песните звучат се подобро и подобро. Многу ми е драго што едни млади луѓе го наследија и продолжија она што ние го започнавме во далечната 1957. Староградскиот мелос не смее да престане да се слуша, вели нивниот ментор Кузман Поп Стефанија.

Во составот „Билјана“ членуваат Јован Поп Стефанија- хармоника, Ангел Дулевски- кларинет, Петар Паскали – виолина, Андреј Лаброски- контрабас, Христијан Томески- гитара и Стефан Здравески- ритам.

Го подготвуваат своето прво ЦД кое планираат да го издадат во текот на летото, а во меѓувреме се бележат нивните први настапи.Од март месец нивната музика ќе може да се чуе и во вила „Света Софија“, каде ќе ги придужува и Кузман Поп Стефанија.

Ги свириме и пееме песните кои некогаш ги пееле членовите на ансамблот Билјана, во изворна везрија. На нашите досегашни настапи имаме голема подршка од публиката. Кога ќе почнеме да свириме, веднаш го привлекуваме вниманието со оглед на тоа дека сме млади, а свириме староградски песни, што е малку невообичаено со оглед на тоа што нашите врсници најчесто свират рок, додава Јован.

На нивните проби често присуствува и Ташко Петрески, меѓу охриѓани познат како Шуле- кој четири децении се бави со музика, од кои 15 години како  член на стариот ансамбл „Билјана“.

На мое огромно задоволство, им давам совети и насоки како да ги изведуваат песните. Драго ми е што овие млади луѓе решија да ја продолжат традицијата на изведување староградски песни кои за жал се помалку можат да се чујат во рестораните низ градот, вели Петрески.

Најголема желба на Јован, Ангел, Петар , Андреј, Христијан и Стефан  е да остварат барем дел од успехот кој го одбележа постоењето на стариот ансамбл „Билјана“, кој во некогашната Југославија сними седум лонг плејки и две сингл плочи- двете сребрени. Првото нивно ЦД од кое четири песни се веќе снимени- е првиот чекор кој ќе ги води на патот кон успехот и остваруавњето на големата желба на некогашните членови на истоимениот ансамбл- охридските чалгии да останат меѓу народот.

Тања Кувенџиска