Учениците од ОСУ „Св.Климент Охридски“, Јана Василеска, Ивана Мирчевска и Адриан Димитријески, под менторство на професорката по англиски јазик, Даниела Спироска, учествуваа на четвртата национална симулацијата МЕП (Модел Европски Парламент), која се одржа во организација на средното училиште НОВА во Скопје, на крајот на овој месец.

Учениците од гимназијата ја претставуваа Португалија како земја членка на ЕУ. На тридневната симулација учениците имаа можност да ги покажат своите способности за дебатирање, тимска работа, но и своите предзнаења за ЕУ, нејзините институции и како таа функционира. Целата презентација беше на англиски јазик.

Ученицитеимаа задача да го презентираат својот говор, активно да се вклучат во дебатите за проблеми кои се актуелни за ЕУ, притоа изработувајќи резолуции на кои даваа свои видувања за тоа како треба да бидат решени овие проблеми. Првиот беше проблемот на невработеност меѓу младите, вториот-преземање на санкции во случаи кога земја членка не ги почитува принципите на ЕУ, и третиот проблем-критериуми за доделување на помош на државите.

 

Шеесет ученици од 20 средни училишта низ цела Македонија, поделени во три комитети водеа тридневни дискусии. Последниот ден учениците како вистински парламентарци имаа можност да седат, дебатираат и да гласаат за изготвените резолуции во општинската сала на град Скопје, а нив им се обрати холандската амбасадорка Мариет Шурман. 

ОСУ„Св.Климент Охридски“ веќе втора година зема учество во ваквите проекти кои се поддржани од Локалната самоуправа.

OhridNews