Во рамки на активностите за борбата против болести на зависност кои ги организира охридскиот Црвен крст, вчера во охридската гимназија „Свети Климент Охридски“ се одржа едукативно предавање. На едукативно предавање, д-р Соња Стурлакова- Димовска, интернист од Центарот за јавно здравје, ги запозна охридските гимназијалци со последиците на конзумирањето на штетните супстанци.

-Опасноста од развивање на зависноста од никотин е во фактот што цигарите се лесно достапни, а последиците не се видливи веднаш туку по подолг период кога е често доцна. Конзумирањето на алкохол, од друга страна надворешно се манифестира и е полесно воочливо. Македонија е во редот на медитеранските земји каде традиционално најмногу се конзумира виното, но не смеат да се заборават ни енергетските пијалоци кои се можеби и најпопуларни кај средношколската популација. Тие се рекламираат насекаде, овозможуваат будност по непроспиените ноќи. Негативни последици од нив се забрзан пулс, покачен крвен притисок, а тие можат да бидат уште позасилени доколку се комбинираат со други штетни состојки, истакна д-р Стурлакова- Димовска.

Инаку вакви превентивни активности се планираат и во наредниот период во другите училишта низ Охрид.

OhridNews