По повод светскиот ден на птиците преселници, извидничкиот одред „Пионер“ од Охрид успешно го реализираше проектот “ПТИЦИТЕ И ЧОВЕКОТ” којшто со поддршка на Македонското еколошко друштво се одвиваше во изминатите 60-тина дена.
-Во проектот беа вклучени вкупно дванаесет основни училишта од кои десет во Општина Охрид и две во општина Дебрца каде што учениците од второ и трето одееление беа запознаени со феноменот на птиците преселници како и нивното значење за очувувањето на животната средина. Непосредното излагање на извидниците кај учениците побуди отворена комуникација каде што им беа аудио и визуелно претставени птиците преселници застапени во нашите краишта. – информираат од „Пионер“.
Во рамки на проектот беше емитуван и краткометражен филм каде што преку ексклузивни снимки учениците можеа да го доловат прелетот на птиците преселници преку земјините меридијани и предизвиците со кои се соочуваат за време на летот. Филмот е отстапен на одделенските наставници за понатамошна употреба во процесот на формалното образование на децата.
Од „Пионер“ упатија јавен апел до сите луѓе да помогнат во заштитата на птиците преселници.
OhridNews
















