За прв пат фудбалската школа “Охрид 10
Јуниор“ ќе организира фудбалски камп и тоа во охридското одморалиште
Љубаништа. Околу 30 деца на возраст од седум до 12 години ќе земат
учество на кампот кој е прв од ваков вид.

– Овај камп е на некој начин завршен
чин на годината што измина, но  и една увертира за она што сакаме
да го имплементираме во иднина. Целта секако е дружење на децата, нивно
осамостојување. Ќе имаме повеќе тренинзи во овие три дена, и  децата ќе
бидат цело време заедно. Ова е само прва фаза од начинот на работа,
секако дека во иднина планираме и учество на турнири надвор од нашата
држава , но првиот чекор сакавме да го направиме овде на домашен терен –
вели Благоја Ристески, сопственик и тренер на школата “Охрид 10 Јуниор“.

– Се одлучивме за Љубаништа ,
местото е идеално за еден ваков камп, од причина што во нашата школа има
деца на различни возрасти. Условите се таму добри, сите добро го
познавате овој камп, децата за време на тие неколку дена ќе имаат
спортска и рекративна забава. Покрај фудбалот ќе имаат и други
активности, како пливање, пикадо, скок во далечина, кампот ќе го
заокрижиме со посета на манастирскиот комплекс Свети Наум Охридски – рече
Ристески.

Од школата најавуваат дека ваквиот начин на кампување ќе продолжи и во
иднина и ќе прерасне во традција. Не е исклучена можноста во иднина да
се соработува и со соодветните  школи од Македонија со кои фудбалската
школа има соработка.

Кампот ќе започне во среда 27 јуни и ќе заврши во петок 29 јуни.

М.П.