Охридските кајчари се подготвени да им излезат во пресрет на туристите, кои сакаат да ги видат убавините на крајбрежјето од еден поинаков агол. Уште отсега, долж градскиот кеј можат да се забележат голем број пловни објекти, кои на гостите им нудат интересни прошетки по Охридското Езеро.
„Обично чамците ги вадиме подоцна, но оваа година поради споените празници и најавата за странски туристи, уште отсега сме подготвени да им излезем во пресрет на гостите. Деновиве е слабо, но очекуваме дека овој викенд Охрид ќе биде преполн.“ – вели охриѓанецот Митко, кој е еден од најстарите охридски кајчари.
Според него, минатата година била една од најслабо посетените, додека за оваа се надеваат дека градот конечно ќе блесне како некогаш.
„Нашите прогнози велат дека оваа година ќе биде подобра од ланската, која беше една од најслабите. Без работа бевме до крајот на јуни, а потоа само неколку недели имаше пристојна работа.“ – вели чичко Митко.
На оние кои ќе се одлучат за прошетка со чамец по езерото, им се нудат различни поволности, а цените според охридските кајчари се прифатливи за сечиј џеб.
„На туристите им се нуди прошетка по Охридското Езеро и нормално по нивна желба возиме до посакуваните дестинации. Безбедноста е на максимално ниво, снабдени сме со спасувачки елеци, а ексклузивно за туристите имаме и фрижидери каде можат да ги ладат своите пијалаци.“ – додава чичко Митко.
Според најавите, во текот на оваа недела Охрид ќе биде посетен од голем број туристи, а дел од сместувачките капацитети уште отсега сега се исполнети.
O.T.