По повод 108 годишнината од Илинденското востание триесетина млади охриѓани рано утрово по деветти пат тргнаа на марш до Крушево, каде на 2 Август ќе се приклучат на централната прослава на Денот на Републиката.


Годинава на Илинденскиот марш на охриѓани им се придружија и членови на дрштвото „Илинден“ од Тирана и Националниот совет на Македонската заедница во Р.Србија, кои синоќа присуствуваа на богослужбата што традиционално се одржува во црквата Света Тројца во населбата „Радојца Новиќиќ“ .

Охридските „комити“ до Крушево ќе минат 102 километри пеш преку селата Куратица, Брежани, Илинска Црква, Мало Илино, Железнец, Деленци, Брезово, Зачле, Дивјаци и други места. Тие во Крушево ќе пристигнат на 31 јули попладнето.


-Целта е да се продолжи традицијата,  да се зачува нашата историја и култура и да се разбуди патриотската свест кај младите, велат од здружението на граѓани „Христо Узунов“, кое е организатор на Илинденскиот марш.


Традицијата започна во 2003 година на прославата на 100-годишнината од Илинденското востание кога  група ентузијасти од Охрид пеш тргнаа за Крушево. Оттогаш наваму секоја година младите охриѓани маршираат по патеките по кои некогаш чекореле славните илинденци.

OhridNews