Кошаркарите на АВ Охрид, викендов кој доаѓа повторно ќе учествуваат на квалитетен турнир во соседна Бугарија. „Галебите“, ќе бидат дел од турнирот во Самоков кој го организира Кошаркарскиот клуб Рилски Спортист.

Избраниците на Марјан Илиевски ќе имаат чест против грчкиот Паок да го отворат турнирот и да се борат за пласман во финалето. Другата полуфинална двојка ја сочинуваат домаќинот Рилски Спортист и екипата на Черноморец.

Охриѓани пред две недели беа дел од турнирот „Георге Христов“ кој се одржа во Ботевград и завршија на четвртата позиција после поразит во полуфиналето и мечот за третото место. Викендов кој помина АВ Охрид славеше две победи во контролните средби со Рилски Спортист совладувајќи го бугарскиот состав со 79-78 односно 76-72.

Новата сезона во Првата кошаркарска лига започнува на 5 октомври. Охриѓани гостуваат кај тимот на Кожув.

OhridNews