Охрид е едно од ретките населени места, каде прославувањето на Стара Нова Година има вековна традиција. Палењето огнови, кумството, вртењето паричка, „маалското“ собирање и богатата трпеза претставуваат само дел од многуте карактеристики, по кои градот се издвојува од останатите во земјава.

Традиционалното ѓомлезе, колбасите на скара, греената ракија и црвеното вино се неодминлив дел од деценискиот дочек, кој охриѓани покрај „маалските“ огнови го поминуваат со своите семејства. Во населбата „Долна влашка мала“ на познатиот „Бел сокак“, веќе 25 години во континуитет се прославува почетокот на  новата година по Јулијанскиот календар.

На оваа локација, повеќе од 25 години на еден специфичен начин се испраќа  старата година. Задолжителен дел од децениската прослава е огнот, музиката и храната која се приготвува на скара. На полноќ се врти охридско ѓомлезе, во кое има сребрена пара.  Домашната трпеза е збогатена со охридска „топејнца“, а празникот го чествуваме со жива музика и народни ора до рано изутрина.“ – вели Наум Љатко, еден од  основачите на оваа децениска традиција.

Минатогодишниот кум од „Бел Сокак“, Ѓорги Љатко, ни откри дел од ритуалите кои охриѓани ги практикувале во минатото. „Традицијата говори дека на овој ден, старите охридски фамилии се собирале од утро, играјќи карти по ореви, костени, бајами и вино. Играта се вика купчина, додека победникот ги собира сите тие работи по кои се обложил.“ – вели Ѓорги Љатко, потсетувајќи се на традицијата од старите охридски фамилии.

Со своја 30 годишна традиција, се и жителите од населбата „Бејбунар“ на улицата „Галичица“.  Со музика и оган, станарите од околните живеалиште го чествуваат доаѓањето на „новата„ година.

Обичаите ги правиме заради нашите деца. Тие се иднината која треба да ја продолжи оваа наша традиција. Веќе 30 години, редовно се собираме на истата локација. Почнуваме од 20 часот, а продолжуваме до раните утрински часови. Се приготвува тестенина со паричка, преку која се одредува кумот за наредната година. На жарот кој останува до наредниот ден, печеме компири, па така дружбата продолжува и после овој празник.“ – вели годинашниот кум на ова „маало“, Љубен Недевски.

„Василичарската“ традиција се негува и во населбата „Трудбеник“. Оваа локација е препознатлива по веселбата која трае до утринските часови. Веќе 10 години, жителите од околните згради се собираат на ова место, приготвувајќи скара покрај големиот оган.

Точно на полноќ, ја вртиме паричката како би го одредиле кумот за наредната година. Трпезата покрај огнот е богата со домашно вино, ракија и туршија. Секоја година викаме лимен оркестар, па со музика влегуваме во православната Нова Година. – вели кумот Сашо Трпеноски.

Овие традиционални обичаи, во охридските „маала“ се останати до денес. Нема улица во градот, на која не се пали оган и не се прославува доаѓањето на новиот „почеток“. Како и да е, сите охриѓани во весела и пријатна атмосфера на свој начин ја честуваат православната „Нова Година“, односно празникот „Св. Василија“.

O.T.