Охридските матуранти од гимназиските, економските и медицинските паралелки, ги завршија последните подготовки пред утрешната европска манифестација „Матурска парада“, која традиционално ќе се оддржи на градскиот плоштад од 12 часот.
Професорката Соња Думбалова, под чие водство средношколците се подготвуваат за утрешниот настан, вели дека за квадрилот од Штраус, потребни биле месец дена интензивни подготовки.
„Оваа е шеста година како го изведуваме матурскиот танц, односно квадрилот од Штраус. Бидејќи ќе танцуваат голем број матуранти од гимназиските, економските и медицинските паралелки, потребни беа месец дена и макотрпна работа, за перфектно да се изведе овој танц.“ – вели Думбалова.
Таа додава дека од година во година, охридските матуранти се подобро ги исполнуваат зацртаните норми кои се бараат за овој танц.
„На почетокот пред повеќе од пет години, беше малку потешко бидејќи чекорите беа страни за мене. Но со тек на време, преку одење на обука и интензивирање на подготовките, секоја година можам се подобро да ги пренесам чекорите и знаењето на учениците. Впрочем, тоа ми е и професијата.“ – додава Думбалова.
Охридските матуранти заедно со своите врсници од Европа, и оваа година ќе се обидат да го подобрат Гинисовиот рекорд, кој изминатите години го поставија нешто над 30.000 ученици.
„Повторно ќе атакуваме на рекородот и сигурна сум дека ќе го собориме. Се работи за бројка на матуранти, кои во 12 часот во повеќе европски метрополи ќе го изведат квадрилот на музиката од штраусовата опера „Лилјакот.“ – истакнува Думбалова.
Инаку, меѓународната манифестација „Матурска парада“ минатата година се одржа на плоштадите во Охрид, Скопје, Струга, Ресен, Гевгелија и Струмица.
Утре непосредно пред почетокот на парадата во 12 часот, на охридските матуранти ќе им се обрати градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески
О.Т.