Наместо со хоби или релаксација, голем број припадници на посилниот пол од Охрид своето слободно време го поминуваат во спортските обложувалници, чекајќи резултати од спортските напревари. Охриѓанки често пати коментираат дека порано мажите излегувале на разговор и дружење во кафеаните и кафетериите, но сега излегуваат во обложувалници.
Упатените во овој вид на игри на среќа, велат од ден на ден се зголемува бројот на охриѓани кои се заразени со спортска прогноза.
-Порано најчесто имавме муштерии кои редовно уплаќаа спортска прогноза со уплати од 50 до 100 денари, најчесто се играше спортска од забава. Но сега состојбата е поинаква, денес спортска се игра само поради добивката. Дури имаме и такви муштерии кои што не се вработени и буквално тука доаѓаат на работа и егзистираат од овој вид на добивки, вели вработен во една спортска обложувалница во Охрид.
Тој раскажува дека многу пати до сега имаат регистрирано големи добивки, од по неколу илјади евра, но паралелно имаат и големи уплати.
-Пред извесно време, еден редовен играч доби сума од околу 200.000 денари. Кога дојде да ја подигне уплатата, направи неколу нови тикети и на нив ја уплати целата добивка. Но на крајот ниту еден од тикетите не му беше добитен и остана без ништо. Имаме и случаеви кога на еден натпревар се уплаќаат тикети од по неколку илјади евра и потоа не се добитни, вели нашиот соговорник.
Тој потенцира дека интензивно се зголемува и бројот на млади кои се коцкаат на спортска прогноза.
-Уплаќам по едно ливче од 50 денари секој викенд, сите мои другари уплаќаат, а кој ќе добие чести пијачка на вечерно излегување. Тоа го правиме исклучиво од забава. Често пати имам добиено по неколку илјади денари, но свесен сум дека тоа е на некој начин поврат на парите кои до сега ги имам уплатено на спортска, вели дваесетгодишниот Аце.М од Охрид.
Психолозите велат дека ваквиот вид на забава, младите ги води кон други видови на коцкање, кои можат прераснат во зависност.
-Играњето спортска прогноза се сместува во поновите игри на среќа и многу брзо зазеде огромни размери. Досега оваа игра изгледаше многу наивно и неопасно, но веќе слободно можеме да ја сместиме во зависност од игри на среќа. Интересно е тоа што родителите, најчето се свесни дека нивните деца постојано се обложуваат, но тоа не го гледаат како девијација во однесувањето на децата. Многу често тие заедно се обложуваат и заедно ги следат натпреварите, сметаат психолозите.
Според нив потребни се поголеми кампањи по училиштата, за да младите се тргнат настрана од овие појави и да ги насочат своите квалитети и енергијата кон корисни активности.
Е.М