Здружението на новинари на Македонија започна иницијатива за формирање Тело за саморегулација на медиумите, чија задача ќе биде да ги штити професионалните стандарди и етичките норми и пред се интересите на јавноста да биде информирана вистинито и објективно. На оваа тема вчера во Охрид разговараа претставници на ЗНМ и медиумски работници членови на здружението од Охрид.

-Целта е новинарите, уредниците и сопствениците на медиумите да ја сфатат потребата од формирање на едно вакво тело кое ќе биде своевиден коректор на медиумите, што ќе придонесе за подигнување на квалитетот во информирањето и елиминирање на некои негативни појави кои денес ја искривуваат не само реалната, туку воопшто и сликата за медиумите, беше истканто на средбата на членовите на ЗНМ од Охрид и Струга со претседателот на здружението Насер Селмани и неговите соработници, кои вчера остварија средби и со неколку новинарски редакции во Охрид.

Ова тело ќе биде составено од новинари, уредници, сопственици на медиуми и авторитети во општеството, кои ќе ги разгледуваат претставките кои се однесуваат на работата на одреден медиум. Укажувањата (демантите)  задолжително ќе треба да се емитуваат на медиумот на кој била пласирана одредена невистинита информација која предизвикала јасни негативни импликации, со што дополнително ќе се подигне квалитетот на информациите кои се презентираат во јавноста. Ова се однесува на медиумите кои ќе прифатат да работат според професионалните стандарди, што позитивно ќе влијае на довербата во јавноста кон информациите пласирани од таквите извори. Од друга страна јасно ќе се издвојат медиумите кои  под превезот на новоден ексклузивитет пласираат сензационалистички и непроверени информации и користат говор на омраза кој често е насочен и кон сопствените колеги. Таквите медиуми, децидни се членовите на ЗНМ немаат кредибилитет, ниту доверба од јавноста.

Медиумските работници од регионот позитивно ја прифатија иницијативата на ЗНМ. Тие сметаат дека е неопходно да се стави ред во медиумскиот простор, вклучително и на интернет, каде се позачестена е појавата на кршење на професионалните стандарди и етички норми, непочитување на авторските права, како и на делување на анонимни „редакции“, јавна дискредитација на личности,  па дури и отворени негативни кампањи против професионалните медиуми и еснафски здруженија со цел нарушување на нивниот углед преку објавување на тенденциозни текстови во кои преовладуваат  лош спин и квази анализи за состојбите во медиумите.

За да нема  вакви и слични заблуди во јавноста, професионалните медиумски работници од регионот ја поддржуваат иницијативата на ЗНМ за воведување на принципот на саморегулација на медиумите, за што во идниот период ќе се води отворена јавна расправа во која понатаму ќе бидат вклучени и сопствениците и менаџерските тимови на медиумите. Начелна поддршка иницијативата има и од крупни национални медиуми, а доколку биде постигнат неопходниот консензус по ова прашање, истото ќе биде отворено на Собранието на ЗНМ кое што е планирано да се одржи во месец март 2013 година.

Доколку медиумите не успеат да постигнат договор за саморегулацијата, професионалните стандарди на однесување најверојатно ќе бидат регулирани со закон кој веќе го најави државата.

OhridNews