Охридските надлежни служби се подготвени за делување на терен при кризни состојби и итни ситуации. Ова го покажа симулационата вежба на голема сообраќајна несреќа, која во организација на Министерството за здравство и Светската здравствена организација се реализираше денеска во Охрид.
Учесници на вежбата беа Итната медицинска помош при Здравствен Дом-Охрид; Општа Болница-Охрид; Територијална противпожарна единица-Охрид, Охридскиот Црвен Крст, СВР Охрид; ЦУК РЦУК-Охрид; ДЗС – ПО Охрид и општина Охрид. Според сценариото, службите заеднички делуваа за спасување на 15 повредени и извлекување на заглавените патници од сообраќајна несреќа помеѓу Патничко моторно возило и Минибус.
Горан Маркоски, заменик командир на Територијалната противпожарна единица од Охрид изјави дека според негова оценка сите служби успешно ја завршиле својата работа во соодветниот домен.
-Територијалната противпожарна единица презеде активности за одглавување и спасување на две лица кои беа заглавени во патничкото моторно возило и понатака им пружи помош на службите од Итната медицинска помош во извлекување на повредените во Минибусот. Во просек, нашата служба има по две вакви слични интервенции месечно и апелираме до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила за да се намали бројот на вакви несреќи, рече Маркоски.
Од Итната медицинска помош велат дека при вакви интервенции многу е важно да се постапува брзо и согласно протоколите, затоа што секоја секунда е важна при спасување на човечки живот.
-Ние учествувавме со три санитетски возила со кои се згрижуваа пациентите. Имавме и една тријажна екипа. Тоа е првата екипа која пристигнува на местото на насреќата и мора да ја направи тријажата и таа останува до крај со повредените пациенти. Цело време се испитуваат неколку витални параметри кај повредените по кој се оценува тежината и состојбата на пациентот, вели д-р Горан Симјаноски раководител на Итната медицинска помош од Охрид.
Освен учесниците и претставниците на Министерството за здравство позитивно ја оценија симулационата вежба.
-Оценката за вежбата е одлична не само на здравствениот дел, туку и за целкупното делување на службите. Првото санитетско возило пристигна многу брзо, а и исто така брзо пристигна и противпожарната единица, па укажувањето на здравствената помош беше на соодветно ниво. На високо ниво беше и делувањето во Болницата каде што се вршеше прием на повредените до операциони сали, со сите дијагностички и терапевтски процедури како што е во реалноста, истакна д-р Михаил Кочуповски од Министерството за здравство.
Тој објасни дека целата вежба е снимена и истата ќе служи за понатамошно обучување на персоналот.
Инаку ова е десетта симулационата вежба која ја организира Министерството за здравство на територијата на Република Македонија и прва која се реализира на подрачјето на Охридскиот регион.
Е.М












