Александар Бачиќ- МИА

Лично ценам дека настан број еден во Охрид е фестивалот „Охридско лето“. Манифестацијата што претставува репрезент на културното живеење во градот, годинава имаше успешно издание, благодарение на „свежината“ што ја донесе новото раководство. Ќе останат запаметени настапите на „Перпетум џезиле“, „2 Cellos“, Мајкл Камило, „Леб и Сол симфони“… неколкуте театарски претстави, што само го потврдија високиот квалитет на фестивалот.
Би ја забележал и квалитативната промена на типот на гостите што летуваа во Охрид, односно поголемиот број странски туристи и оние гости што одморот го минуваат во сместувачките објекти изградени за таа намена. Сметам дека квалитетот на гостите на сметка на квантитетот придонесува за поуспешна сезона во економскиот аспект оттаму што јасно испрофилираната туристичка клиентела носи поголема заработувачка за субјекти кои навистина живеат од туризмот како што се хотелиерите и угостителите, наспроти оние на кои тоа им е второстепена дејност.
Оваа година по речиси еднодецениска пауза и езерото доби „стопан“, па оттаму и очекувањата дека на тој начин ќе се придонесе за поголема негова заштита, особено кога се работи за справување со рибокрадството.
Соња Рилковска- Канал 5

Уште еден настан кој ќе остане запаметен како многу брутален беше Велигденскиот масакр. Петкратното убиство кај Смиљковското езеро во април годинава влеа немир и страв во секое семејство во земјава. Не можам а да не ги споменам и протестите на муслиманските верници на почетокот на годинава против Вевчанскиот карневал и низата инциденти, кои завршија со сквернавење па дури и палење на христијански храмови во струшко. Се обидов да се сетам но, простете ми не успеав да се сетам на ниту еден позитивен настан во изминатава година. Од 2013-та не очекувам ништо посебно да се надеваме дека ке биде поуспешна и побериќетна. Среќна нова!!!
Росица Голабоска- Телевизија Алфа

Она што се случи пред Собранието, но и во Парламентот е за секаква осуда.
Локално ете за пофалба , Охрид доби нова болница, има најсовремена апаратура, но нема кој да работи, оти не знаат – ќе научат ама за 2, 3 децении. Кај нас се оди наопаку, затоа и експертите наместо научно, јазикот го одврзуваат само кога се принудени политички да ги коментираат капиталните проекти како оној за изградба на аеродром на вода и туристичкиот комплекс во Љубаништа. Како велат, среќа е добро здравје и слаба меморија. Јас сепак приватно ќе си ја паметам годинава по раѓањето на мојот внук Илија.
Нина Аритоноска- Телевизија Сител, НТВ

Од позитивните, не можам да се сетам, само би ме радувала изградбата на туристичка зона, поточно монденското одмаралиште во Љубаништа од страна на индискиот бизнисмен Субрата Рој со кое не само што ќе заживее нашиот град туку и целиот регион.Тоа е она на што можев да се сетам и што би можела да издвојам како настани од 2012 година .
На крајот само би сакала на читателите да им ја честитам Новата 2013 година!!!
Васе Врангалоска- Радио Охрид

Што се однесува до Охрид, два настани сигурно нема да ги заборавам. Од една страна посетата на индијците од “Сахара груп” и нивната најава за изградба на елитен хотел како во Дубаи на брегот од Охридското Езеро, а од друга страна, свеченото пуштање во употреба на патот за излетничкото место Скребатно. Овој пат, поточно тесната уличка во употреба ја пушти најпрвин Премиерот Никола Груевски, а потоа по втор пат и охридскиот Градоначалник Александар Петрески. А во кавгата кој го изградил патот, државата или локалната, сите заборавивме на трагикомичниот факт – дека станува збор за пуштање во употреба на уличка кон село со двајца без тројца жители, а не магистрала со шест ленти ! На што се радуваме и со што се фалиме во време кога во светот се фалат со патишта кон и на Месечината.
Лионела Јаковлева- ТВМ

Она што дефинитивно ќе остане запаметено како најнегативен настан во 2012-тата година е петкратното убиство кај Смиљковското езеро во април.
Еден од настаните по кои ќе ја паметиме 2012-тата година се случувањата во и пред Собранието при процедурата за донесување на буџетот за следната година.
Реизборот на Барак Обама, дефинитивно е најважен светски политички настан во 2012 година.











