Ги одбројуваме последните часови од 2012. Зад нас останува уште една година, за некои исполнета со убави настани, за останатите со моменти кои треба што поскоро да се заборават. И за убавите, но и помалку пријатните настани, новинарите се секогаш тука да информираат и да и овозможат на јавноста навреме и објективно да биде информирана. OhridNews ги праша охридските претставници на седмата сила- што според нив ја одбележа годината што изминува?

Александар Бачиќ- МИА

Годината што изминува што се однесува за Охрид беше спокојна, барем кога станува збор за несакани настани како оние што оставија белег на годините претходно.

Лично ценам дека настан број еден во Охрид е фестивалот „Охридско лето“. Манифестацијата што претставува репрезент на културното живеење во градот, годинава имаше успешно издание, благодарение на „свежината“ што ја донесе новото раководство. Ќе останат запаметени настапите на „Перпетум џезиле“, „2 Cellos“, Мајкл Камило, „Леб и Сол симфони“… неколкуте театарски претстави, што само го потврдија високиот квалитет на фестивалот.

Би ја забележал и квалитативната промена на типот на гостите што летуваа во Охрид, односно поголемиот број странски туристи и оние гости што одморот го минуваат во сместувачките објекти изградени за таа намена. Сметам дека квалитетот на гостите на сметка на квантитетот придонесува за поуспешна сезона во економскиот аспект оттаму што јасно испрофилираната туристичка клиентела носи поголема заработувачка за субјекти кои навистина живеат од туризмот како што се хотелиерите и угостителите, наспроти оние на кои тоа им е второстепена дејност.

Оваа година по речиси еднодецениска пауза и езерото доби „стопан“, па оттаму и очекувањата дека на тој начин ќе се придонесе за поголема негова заштита, особено кога се работи за справување со рибокрадството.

Соња Рилковска- Канал 5

2012 год   ќе ја паметам како година на повеќе негативни настани и случувања. Ќе почнам со последните инциденти и нереди во и пред собранието на РМ, како најсвеж а можеби и најскандалозен настан во историјата на земјава. Протестите, инцидентите,  навредите, турканиците и  нередите меѓу парламентарците и симпатизерите на политичките партии  покажаа дека се уште  сме политички незрели. Па видовме и бркање  и навредување на новинари. 

Уште еден настан кој ќе остане запаметен како многу брутален беше Велигденскиот масакр. Петкратното убиство кај Смиљковското езеро во април годинава  влеа немир и страв во секое  семејство во земјава. Не можам а да не ги споменам   и протестите на муслиманските верници на почетокот на годинава против Вевчанскиот карневал и низата инциденти,  кои завршија со сквернавење па дури и палење на христијански храмови  во струшко. Се обидов да се сетам но,  простете ми не успеав да се сетам на ниту еден позитивен настан во изминатава година. Од 2013-та не очекувам ништо посебно да се надеваме дека ке биде поуспешна и побериќетна. Среќна нова!!!

Росица Голабоска- Телевизија Алфа

Годинава што изминува,  да можам би ја заборавила, бидејќи не донесе ништо добро – згаснаа пет недолжни животи, се редеа бројни инциденти, се протестираше…Почнаа Вевчанци ,ќе речеш на карневал, со маски, исмејувајќи –повредија нечии верски чувства. Да болеше и глупоста, во болниците ќе немаше место, оти ќе ги наполнеа овие кои се болни за власт. Барајќи начин како да ја зацврстат својата моќ, им се поматил разумот. Никој нема да ги собори ако не запретат други моќници. Ги рушат на исти начин: со објаснувањата за насилство врз народот, а сите се насилници, само тоа никому на ум не му доаѓа. Стравот  го тера човека на понизност. Уплашени од  неизвесноста и утрешнината, народот очаен се сврте еден против друг, газејќи го сопственото достоинство и честа на Македонецот.

Она што се случи пред Собранието, но и во Парламентот е за секаква осуда.

Локално ете за пофалба , Охрид доби нова болница, има најсовремена апаратура, но нема кој да работи, оти не знаат – ќе научат ама за 2, 3 децении. Кај нас се оди наопаку, затоа и експертите наместо научно, јазикот го одврзуваат  само кога се принудени политички да ги коментираат капиталните проекти како оној за изградба на аеродром на вода и туристичкиот комплекс во Љубаништа. Како велат, среќа е добро здравје и слаба меморија. Јас сепак приватно ќе си ја паметам годинава по раѓањето на мојот внук Илија.

Нина Аритоноска- Телевизија Сител, НТВ

Според мене она што ја одбележа годинава која изминува се секако  двојните  протести кои се случија пред Собранието во Скопје, едни за да изразат револт поради блокада на буџетот од страна на опозицијата, а другите пак за да искажат подршка на опзициските ставови и секако немирите кои произлегоа од истите  и блокадите по улиците. Ова е она што е најскоро и што според мене претставува една негативна особина и неубава слика за нашата држава .Тоа би го  издвоила како негативни настани во 2012 година.

Од позитивните, не можам да се сетам, само би ме радувала изградбата на туристичка зона, поточно монденското одмаралиште во Љубаништа од страна на индискиот бизнисмен Субрата Рој со кое не само што ќе заживее нашиот град туку и целиот регион.Тоа е она на што можев да се сетам и што би можела да издвојам како настани од 2012 година .

На крајот само би сакала на читателите да им ја честитам Новата 2013 година!!!

Васе Врангалоска- Радио Охрид

Настан што не може да се заборави и кој за жал ги засени сите други настани што се случија во државава во 2012, според мене е буџетската драма во законодавниот дом.  Физичките пресметки, изнесувањето на пратениците од опозицијата на раце, бркањето или замолувањето на новинарите да ја напуштат салата, како сакате гледајте, но тоа се случки што ми се чини дека не можат да се заборават. Во јавноста се претставија две слики, едната дека власта спречила државен удар, а другата дека опозицијата спречила диктатура и режим кој мора да се симне, а народот ете токму пред Новата година остана збунет некаде помеѓу, прашувајќи се длабоко во себе која е суштината на кавгата и кому му одговара? Ако проблемот со името веќе долго време ги дели граѓаните на предавници и патриоти, сега ете се случи уште едно расцепување на народното ткиво – за и против опозицијата со протести и контра-протести, со свиркања во собраниската сала и уличен парламент.
   
Што се однесува до Охрид, два настани сигурно нема да ги заборавам. Од една страна посетата на индијците од “Сахара груп” и нивната најава за изградба на елитен хотел како во Дубаи на брегот од Охридското Езеро, а од друга страна, свеченото пуштање во употреба на патот за излетничкото место Скребатно. Овој пат, поточно тесната уличка во употреба ја пушти најпрвин Премиерот Никола Груевски, а потоа по втор пат и охридскиот Градоначалник Александар Петрески. А во кавгата кој го изградил патот, државата или локалната, сите заборавивме на трагикомичниот факт – дека станува збор за пуштање во употреба на уличка кон село со двајца без тројца жители, а не магистрала со шест ленти ! На што се радуваме и со што се фалиме во време кога во светот се фалат со патишта кон и на Месечината.

Лионела Јаковлева- ТВМ

Како позитивни настани во 2012 би ги издвоила успехот на стрелачката Оливера Наковска Бикова која постави светски рекорд во стрелање со воздушен пиштол и го освои златото на Параолимписките игри во Лондон. На почетокот на годината ракометарите го освоија петтото место на Европското првенство во Србија. Македонија доби позитивен извештај од ЕК, но не доби датум за преговори со ЕУ.

Она што дефинитивно ќе остане запаметено како најнегативен настан во 2012-тата година е петкратното убиство кај Смиљковското езеро во април.

Еден од настаните по кои ќе ја паметиме 2012-тата година се случувањата во и пред Собранието при процедурата за донесување на буџетот за следната година.

Реизборот на Барак Обама, дефинитивно е најважен светски политички настан во 2012 година.

T.K.