Пред речиси месец и половина, охридската панк-рок дружина „Комунална Хигена“ официјално го промовира своето најново музичко остварување, насловено како „Вино & Oi!“.
Се работи за пет одделни музички записи, во кои покрај љубовта кон виното, другарите и родниот крај, опеани се проблемите кои произлегуваат од стегите на општеството и политиката, а кои директно можат да ги почуствуваат не само младите, туку и обичниот македонски работник.
-„Вино & Оi“, „Мојот град“, „Дланки“, „Недојдија“ и „Пастире“ претставуваат своевиден бунт кон лажните вредности во општествениот поредок. Од една страна се критикува политичката некоректност, корупцијата, полициската бруталност, бирократијата и недостатокот на одговорност кај политичарите, додека од друга се „величи“ љубовта кон родните огништа, другарите, виното и самите „пороци“ кои ги носи времето, спакувано на еден панк-рок начин“, велат охридските панк-рокери.
Две „нумери“ од новиот ЕП албум ќе се најдат и на компилацијата на германската „Skins & Punx Action Tour“, која излегува во неколку илјаден тираж. Покрај во Германија и Западно-европските земји, хард-копиите ќе бидат достапни и во Македонија.
-„Вино & Оi! и „Мојот град“ ќе се најдат на оваа германска компилација од тамошната „грау зона“. Договорот е веќе потпишан и во идниот период цедеата ќе бидат достапни и тука кај нас. Тоа ќе биде одлична можност за промоција, не само за нас како бенд, туку и за нашата кирилица, нашиот Охрид и Македонија, односно нашата музичка сцена. – објаснуваат од КХ.
Од денес, албумот е достапен и во онлајн верзија, а сите вљубеници во „прљавиот“ панк-рок истиот ќе можат да го „симнат“ на следниот ЛИНК.
-Не сме профитабилен бенд. Свириме поради страста која ја гаиме кон музиката, фудбалот, градот, виното…Пред се’ сме другари кои години се дружат и секој на свој начин го заработува парчето леб. Бендот ни е излез од реалноста. Крик и бунтовност кон извртените општествени норми. – велат момците од „Комунална Хигена“.
Бендот е формиран пред осум години, а зад себе има две албуми, „Комунална Свест“ од 2009 година и најновиот „Вино & Oi!“. Песните се снимани во „партизански услови“, а продукцијата е на самиот бенд. Момците настапиле на голем број андерграунд свирки и фестивали ширум земјава, меѓу кои „Аларм“, „Рок Фест“, „Ексик“, „Rock & Riot“, „Тотал Демо Фест“, „ТБЛ“, „АЛО“, „Дојди веслај“…За летниот период е најавена концертна промоција на новиот материјал.
OhridNews