Откако локалната самоуправа најави дека камен темелникот на новиот современ градски пазар во Охрид ќе биде поставен околу новогодишните празници, охридските пазарџии поделени со мислењата дали на градот навистина му е потребен еден ваков објект.

Еден дел сметаат дека на постоечкиот пазар му е потребна само нова кровна конструкција, со која вработените и потенцијалните купувачи би се заштитиле од временските неприлики со кои се соочуват во изминативе децении.

Не ни треба затворен, туку класичен пазар.  Покриен и заштитен од ветер и временски неприлики како сонце, дожд и снег. Да може човек да влезе пешки, со количка или со возило. Да биде по нашите стандарди и вредности, а не како оној во Струмица. Треба да се тркаат коњи со коњи, а магариња со магариња. Не да летаме и да се мериме по секоја цена со Западна Европа. Во моментов тешко се снаоѓаме, влага има од сите страни па мора да работиме со гумени чизми.“ – вели еден охридски пазарџија.

Охридски пазарџии стравуваат дека со потенцијална изградба на нов пазар од затворен тип на веќе постоечката локација, „тезгаџиите“ на определен временски период ќе останат без своите ниски приходи потребни за егзистенција.

Не ни треба затворен градски пазар. Доколку се реновира или пак гради, ќе треба да останеме без работа со месеци. Како ќе преживееме. Кој ќе ни плати за тие месеци. Имаме деца, студенти кои треба да ги школуваме и финансираме. Од продавници веќе не се живее. Ако не сработиме тука нешто ситно преку ден, не ќе имаме ниту за леб.“ – велат пазарџиите.

Тие потеницраат дека подобро е да се постават тенди на веќе постоечкиот објект без негова целосна конструкцијам или пак изградба на нов пазар на сосема друга локација.

Така штети не би претрпеле ниту ние, ниту потенцијалните муштерии. Нека постават кровна конструкција која ќе ни дозволи да работиме за време на нејзиното монтирање. А не да не остават без работа со месеци или пак да не дислоцираат. Тек тогаш што ќе правиме, никој не знае. Нека градат на друго место.“ – потенцираат пазарџиите.

Други сметаат дека идеата за затворен градски пазар е добра, која бара многу финансиски средства и добра инвестиција.

Ова е привремено решение, на кое сите сме навикнати. Се снаоѓаме, сами чистиме при временските неприлики. Со лопати и метли за време на дождовите или пак во зимскиот период кога врне снег. На делови од пазарот се собира вода, но веќе се навикнавме на ова.“ – сметаат дел од пазарџиите.

Како што неодамна информира секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, камен темелникот на новиот современ градски пазар ќе биде поставен околу новогодишните празници. Тој потенцира дека изминатите неколку месеци, по преземањето на власта од страна на новата локална самоуправа се работело на обезбедување на урбанистичко планската документација за изградба на објектот.

Локацијата е чиста од сите товари, како што е легализација или решавање на имотно правни односи. Во текот на денот, јавното претпријатие Градски пазар се очекува да ја објави физибилити студијата на тендер за јавно приватно партнерство, а при крај е и тендерот за изработка на нумерички податоци за самата парцела, по што за десеттина дена се очекува да се пристапи кон изработка на проектот. Тоа значи дека се подготвува комплетната документација за да се дојде до решение за градба.“ – изјави неодамна секретарот на општина Охрид.

Дали ќе се изнајде соодветно решение за охридските пазарџии за време на најавената изградба на новиот градски пазар од затворен тип, ќе покаже времето.

O.T.