Пензионерите од Охрид денеска по втор пат се собраа на протест пред Здружението на пензионерите. Тие батаат линеарно, а не процентуално зголемување на пензиите кое ќе значи достоинственост, особено за сите со ниски примања.

  • Собирот е непартиски, неполитички, народен, граѓански. Имаме едно барање – линеарно зголемување на пензиите на база на параметрите според кои се формира пензијата по закон. Имаме пензија од 10.000 и пензија од 40.000, со процентуалното зголемување јазот се зголемува, затоа бараме линеарно зголемување на пензиите, – изјави Кирил Јосифоски, пензионер од Охрид.
  • Со пензија од 10.000 денари пензионерот треба да даде 30.000 денари за дрва за огрев, а каде се лекарствата, храната? Затоа од 10-20.000 пензиите да се покачат за 78% како на функционерите, 0д 20-30.000 – 35%, од 30 – 50.000 денари 15%, а за тие со поголеми пензии да се зголемат само 5%. Поинаку не може. – рече Гоце Китески, пензионер од Охрид.

Пензионерите бараат исполнување на нивните барања, во спротивно, социјалнмата разлика во општеството ќе се продлабочува, беше истакнато на протестот.

  • Вкупно имам 43 години стаж, а сега не можам крај со крај да врзам, истакна пензионер од Охрид.
  • Од 13.000 денари пензија, 6.000 плаќам режиски трошоци, што побрзо со остатокот. – додаде пензионерка од Охрид.

Со реакција на протестот денеска се јави Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, според кој линеарно усогласување нема ниту во земјите од нашето опкружување, ниту во пензиските системи на европските земји.

Во однос на протестите на пензионерите со ниски пензии, Извршниот одбор на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, на денешната седница заклучил дека во континуитет ги следи и ниските пензии и сите прашања во врска со правата на пензионерите, како граѓанска организација, ги решава по институционален пат со давање на иницијативи, предлози и мислења до надлежните органи во државата.

Во услови на редовна исплата на пензиите и усогласување на пензиите со 8,4 проценти од први март 2023 година и очекувано услогласување од околу 6 проценти од први септември, вкупното усогласување во 2023 година ќе изнесува околу 15 проценти, групи на незадоволни пензионери бараат поголемо усогласување на ниските пензии односно линеарно услогласување на сите пензии. Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија го поддржува барањето за покачување на висината на минималната пензијаи и затоа подготви Предлози за зголемување на износот на најнискиот износ на пензија и истите ќе бидат доставени до Министерството за труд и социјална политика, се наведува во соопштението од СЗПМ.

Се додава дека СЗПМ смета дека Предлозите се одржливи и остварливи и нема да предизвикат финансиска нестабилност на Фондот на ПИОМ.

Г.М.