Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Охрид одговорно тврдам дека е една од најекспедитивните во нашата држава. Овие храбри момци деноноќно не штитат нас граѓаните, ги штитат нашите домови и материјални добра.  Охридските пожарникари се на висина на задачата иако бројчано не ги задоволуваат капацитетите на ТППЕ, но со новоформираните виолонтерски здруженија ќе бидеме доста поефикасни, рече командирот на Територијалната противпожарна единица Охрид, Борко Јанкулоски, на денешното одбележување на 20-ти Мај, Денот на пожарникарите.

Просечната старост на охридските пожарникари е 40 години, имаме доста пожарникари кои за брзо време треба да исполнат услови за пензија. Годиниве наназад се бориме некои законски измени во Законот за пожарникарство што побрзо да се имплементираат се со цел да се вработат нови, млади пожарникари. Најголем пропуст во Законот за пожарникарство, за кој ние како ТППЕ Охрид и јас како командир, предлагаме да се реши е да има старосна граница за прием на нови пожарникари, односно да биде максимум 26 години. Тоа да биде првото скалило, а потоа следат обуки, увежбувања и слично. Вкупно ТППЕ Охрид брои 39 пожарникари, вклучително и јас како комадир и заменик командирите на одделенија, но солидно се снаоѓаме благодарение на високата одговорност на охридските пожарникари, потенцира Јанкулоски.

Ја посочи соработката и помошта која ја имаат од волонтерското здружение „Ентузијаст“ од Охрид, кои имаат 25 волонтери обучени за гаснење пожари првично на отворен простор, но и резултатот од повеќемесечната соработка на пожарникарите од ТППЕ Охрид и волонтерите од „Ентузијаст“ со Тиролската област во Австрија преку која е земено возило, кое вели Јанкулоски нема да биде единствено.

Склучена е повеќегодишна соработка со која ќе се подобруваат капацитети на ТТПЕ Охрид и волонтерското здружение. Ние како ТППЕ изработивме квалитетен план за противпожарна заштита на општините Охрид и Дебрца, односно заедно со австриските соработници ги маркиравме потребните точки каде треба да се подобрува и работи на создавање на волонтерски здруженија. Како највисоко ризично место од противпожарен безбедносен аспект се Стариот дел на градот каде веќе склучивме договор за поставување на три пумпни станици кои волонтерите ќе ги користат во случај на пожар во тој дел на градот. Тие ќе бидат техничка поддршка на ТППЕ Охрид. Втората точка е во село Белчишта, Општина Дебрца каде исто така ќе се формира Доброволно противпожарно друштво кое ќе добие специјални возила од Р. Австрија од Тиролската област. Третата локација е селото Пештани, каде и тука е планирано формирање на Доброволно противпожарно друштво исто опремено со возила и соодветни обуки на волонтерите. Ние покриваме две општини, една огромна територија на потегот према селото Белчишта и селото Пештани првичната реакција од волонтерите ќе биде од огромно значење се додека нашите екипи пристигнат на лице место, додава Јанкулоски.

Воедно информира дека после 30 години во постапка е јавна набавка за комплетни интервентни одела за сите пожарникари во охридската единица, специјализирани за во урбана средина, односно првпат Општина Охрид набавува комплетни итервентни одела за урбана средина.

Пожарникарите се категорија на луѓе кои даваат се од себе за да ги заштитат како материјалните добра на градот, така и граѓаните на Охрид, вели секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.

Во изминатите 3-4 години, откако градоначалникот Кирил Пецаков е на функција, гледаме да посветуваме внимание повеќе во насока на подобрување на условите за работа на пожарникарите.  Во изминатиот период преземени се мерки и активности за подобрување на условите во објектот каде се сместени пожарникарите. Имавме постапки и за набавка на одела за шумски пожари кои со години не беа набавени за пожарникарите од ТППЕ Охрид и години наназад и незаштитени излегувале на терен и интервенирале на таков вид на пожари. Во овој период во тек е и набавка на интервентни одела за во урбани средини што исто така е од значење за работата на пожарникарите. Се надевам дека во следниот период, со оглед на тоа дека имаме финансиски стабилна општина ќе можеме да вложиме и повеќе средства за задоволување на тоа што е потреба на ТППЕ Охрид за нејзино пподобро функционирање во иднина, додаде Китески.

Инаку, 20 ти Мај, Денот на пожарникарите, Територијалната противпожарна единица (ТППЕ)-Охрид традиционално го одбележа со дефиле низ охридските улици со противпожарни возила, со звучна и светлосна сигнализација, а беше презентирана и противпожарната опрема.

Со улогата на пожарникарите, возилата и опремата беа запознаени и најмладите, дечињата од градинките во Охрид.

Н.С.Ј.