Пожарникарите од ТППЕ Охрид – Пожарна и ДПД Ентузијаст Охрид во соработка со претставници од покраината Тирол, Република Австрија, викендов реализираа успешна вежба во стариот дел на Охрид каде владеат специфични услови поради конфигурацијата на теренот и густо населеното подрачје.
За прв пат е изведена вежба од ваков тип во Стар Град, кадешто пристапот е ограничен поради тесните и непристапни улици. Користени беа едно мало навално возило од професионалната противпожарна единица Охрид и едно специјализирано возило на ДПД Ентузијаст – Охрид опремено со специјални пумпи со висок притисок, со кои се изврши извлекување на вода од езерото, поставување на линија, надополнување на противпожарно возило и директно гаснење на опожарен објект. Вежбата се изведе успешно со запазување на сите техничко-тактички мерки и протоколи за справување во вакви ситуации, информира ТППЕ Охрид.
Вежбата во која беа користени безбедни зачадувања, звучна и друга сигнализација, има за цел проверка на капацитетите за дејствивање при евентуален пожар или друга несакана појава во стариот дел на градот, согледување на слабостите и подобрување на перформансите на соодветните служби за реакција и заштита на населението и материјалните добра во кризни ситуации.
Г.М.
Фото: ТППЕ Охрид























