Владата на Република Македонија одлучи од оваа недела да започне процесот на вработување на 400 лица за обука кај познат работодавач. За оваа цел, во првата фаза се издвоени и ќе бидат исплатени 60 милиони денари. Лицата кои ќе бидат опфатени со оваа мерка се невработени лица со образование и вештини блиски на потребите на работодавачот.

Лицата кои се стекнуваат со ова право од државата ќе добиваат парична помош во висина од 4 400 денари месечно. Тие на работно место ќе поминат најмалку 3 месеци во кој период ќе добиваат парична помош од државата, и ќе стекнуваат знаења и вештини заради нивно понатамошно вработување. По истекот на овие 3 месеци, работодавачот има обврска најмалку 50% од овие лица, односно 200 од овие 400 лица, да ги задржи во работен однос најмалку една година. На оние лица кои нема да бидат задржани на работа ќе продолжат да им течат правата по основ на невработеност.

– Оваа мерка опфаќа вкупно 1000 лица. Првиот оглас за 400 лица е завршен, имаме поднесени барања од работодавачи, и пријави од невработени лица. На него се пријавија 30 работодавачи, од Скопје, Прилеп, Крива Паланка, Охрид, Штип, Валандово, Кавадарци, Сарај, Македонски Брод, Кичево, Кочани, Зрновци, Куманово итн… Дејностите во кои ќе работат работниците се угостителство, текстилна, чевларска, машинска индустрија, компјутерска техника, телефонистика итн..Вториот оглас за дополнителни 600 лица ќе биде распишан на 1 септември оваа година, изјави владиниот портпарол Александар Ѓеоргиев.
   
Агенцијата за вработување до работодавците ќе достави предлог листа на невработени лица кои се пријавиле на огласот, а поседуваат знаења и вештини од дејноста на работодавецот. Работодавецот од таа листа врши избор на кандидати. Потоа Агенцијата за вработување, работодавецот и лицето потпишуваат договор за спроведување на вработувањето за обука. Процесот треба да заврши најдоцна за 15 дена и лицата да почнат да одат на работа.

OhridNews