Парична казна од 120 000 денари за ракометниот клуб Охрид 2011, службени бодови за Ринија, одземање на еден бод од контото на Охрид и три месеци суспензија за тренерот на охриѓани Горан Андоновски е казната која ја изрече Ракометната федерација на Македонија за прекинатиот натпревар во Чаир во 11-та рунда од Првата машка ракометна лига.


На мечот одигран во Чаир против Ринија, ракометарите на Охрид биле вербално нападнати по што се повлекле во соблекувалните и одлучиле да не го продолжат мечот. Охриѓани салата во Чаир ја напуштиле со помош на полицијата и едвај спасувале жива глава.


Во целост ви ја пренесуваме одлуката на РФМ за инцидентот во Чаир :

– Согласно член 29 од Пропозициите натпреварот Риниа М – Охрид 2011 се регистрира со службен резултат 10:0 за Риниа М и минус 1 (еден) бод од бодовното салдо на Охрид 2011. Согласно истиот член, Охрид 2011 се казнува со парична казна во висина од 120.000,00 (сто и дваесет илјади) денари.

– Согласно член 59 од ДП на РФМ, тренерот на РК Охрид 2011, Андоновски Горан со лиц. Бр. 58, се казнува со вршење на сите функции во ракометниот спорт во траење од 3 (три) месеци. Казната важи од 25.11.2012 до 24.02.2013 год.

– Согласно член 28 од ДП на РФМ, играчот на Риниа М, Арифи Џеваир лиц. 170, се казнува со забрана на играње и вршење на сите функции во ракометниот спорт во траење од (три) месеци. Казната важи од 25.11.2012 до 24.02.2013 год.

Од охридскиот клуб најавија жалба на одлуката на РФМ и сериозно ќе ја разгледаат иднината на ракометот во Охрид.

Мх.П.