За поголемиот дел од охридските советници најдобо место  да се прослави доаѓањето на новата година е сопствениот дом, опкружени со најблиските и се разбира со богата новогодишна софра.

Како што за OhridNews изјави претседателот на советот, Душко Јаковчески, за најлудата ноќ ќе биде дома, а подоцна ќе излезе на градскиот плоштад каде е предвидена богата забава со познати музички ѕвезди.

Во домашен амбиент новата 2013 година ќе ја дочекаат и советниците Љупчо Настоски и Дејан Паноски. 

–    После една година исполнета со мнгу активности, новогодишните и божиќните  празници ќе ги прославам дома со семејството, од каде многу често отсуствував поради бројните работни обврски, вели Паноски.

–  За новогодишната вечер ќе бидам дома со моето семејство, а потоа ќе одиме на градскиот плоштад. Сега е кризно време, семејниот буџет е  намален, па затоа е најдобро да се слави во домашен амбиент, изјави советникот Настоски.

Советникот Јоне Станкоски, новата година ќе ја прослави со своето семејство кое од неодамна е збогатено со уште еден член, неговиот неодамна роден син.

–    Големо задоволство ми е што новата година ќе ја дочекам со сопругата и со синот. Посакувам идната година да биде исполнета со здравје, побериќетна и да гледаме што повеќе среќни луѓе, додава Станкоски.

Дел од советниците сепак се одлучија најлудата ноќ да ја поминат во некое од кафулињата или рестораните во градот.

–    Ќе славам во Охрид со друштво. Очекувам дека ќе има голем број гости и јас би сакал новата година да ја дочекам во весела атмосфера со моите пријатели, но и со гостите кои ќе пристигнат од соседните земји, вели Тунтев.

Градоначалникот Александар Петрески, традиционално за дочекот на 2013 ќе биде на градскиот плоштад каде се очекува забава до раните утрински часови.

Т. К.