Охридските средношколци Никола Таштаноски и Бранка Бунташеска за кои неодамна пишуваше Ohridnews продолжија со своите успеси. На 21-та меѓународна олимпијада за научни проекти од областа на хемија, физика, биологија и екологија – INEPO (International Environmental Project Olympiad) која се одржа од 17 до 20 мај во Истанбул, тие освоија сребрен медал.

На олимпијадата учествуваа 113 проекти од целиот свет, кои беа селектирани според одредни критериуми од страна на државниот и меѓународниот одбор за селекција на проектите.

Никола и Бранка, инаку ученици во приватното училиште „Јахја Кемал“, под менторство на професорот Танер Север се претставија со својот проект од областа на енергетиката кој беше насловен како: “Еколошко напојување на планетата Земја со органско изработени соларни клетки како обновлив извор на енергија”.

“Беше голем предизвик за нас да учествуваме на една ваква олимпијада, каде го претставивме својот труд но и ги презентиравме убавините на Република Македонија и Охрид пред останатите учесници.  Покрај натпреварувањето,  олимпијадата претставуваше сплет на различни култури каде имаше размена на идеи и дружење” вели Никола.

“Проектот го презентиравме во најдобро светло, се исплати повеќе месечната работа и трудот. Докажавме дека ние сме тие кои ќе го преземат напредокот на општеството и животната средина” вели Бранка.

Исто така Никола и Бранка заминуваат за Њујорк на меѓународната олимпијада за заштита на животна средина GENIUS (Global Environmental Issues and US) на која ќе се претстават со своето видео насловено „НИЕ СМЕ ГОСТИ, НЕ СОПСТВЕНИЦИ“


Овие ученици во текот на целата учебна година учествуваа на повеќе регионални и државни нарпревари каде освоија бројни награди. Покрај на меѓународната олимпијада по екологија во Њујорќ, тие ќе учествуваат и на Интернационалната олимпијада по турски јазик која ќе се одржи во првата половина на идниот месец во Турција.