Ученици од охридската гимназија : Никола Буџакоски, Ирина Ристевска и Ангел Латкоски, под менторство на професорката по англиски јазик, Даниела Спироска, по трет пат учествуваа на симулацијата МЕП (модел на европски парламент), која во текот на месец октомври се одржа во средното училиште НОВА во Скопје.

Успешно претставувајќи се и бранејќи ги ставовите на Данска како земја членка на ЕУ, во оваа тридневна симулација учениците имаа можност да ги покажат своите способности за дебатирање, сослушување,почитување на туѓото мислење, групна работа ,но и своите предзнаења за ЕУ, нејзините институции и како таа функционира.

Првиот ден од оваа симулација претставуваше вовед во она што ќе се случува наредните два дена, а веќе наредниот ден им се  даде можност на учесниците преку своите говори да ги покажат своите ораторски способности како и способностите за зборување на англиски јазик,бидејќи официјалниот јазик на оваа симулација беше англискиот јазик.

Освен тоа што учениците мораа да го претстават својот говор, во понатамошниот тек на оваа симулација тие мораа активно да се вклучат во дебатите кои опфатија три проблеми кои се актуелни за ЕУ, притоа изработувајќи резолуции на кои даваа свои видувања за тоа како треба да бидат решени овие проблеми.

Економија и монетарни работи преку мерките за штедење, трговија со луѓе и внатрешни работи како и немирите во Сирија, односно надворешни работи, беа трите теми на коишто 60 ученици од сите средни училишта низ цела Македонија, поделени во три комитети, жестоко дискутираа во текот на овие три дена.

Последниот ден, учениците како вистински парламентарци имаа можност да седат, дебатираат и да гласаат за изготвените резолуции во општинската сала на град Скопје и ја имаа таа чест да им се обрати министерот Фатмир Бесими кој беше воодушевен од овие млади ентузијасти и притоа изјави “Младите се нашата иднина, и кога младината се стреми кон Европа, нема никаков сомнеж дека нашата иднина ќе биде европска”.

OhridNews