На покана на стрелачкиот клуб „Стрелба” од Варна стрелците од двата стрелачки клубови од Охрид-СК „Охрид” и ЖСК „Лихнидос” настапија на Интернационалниот турнир „THE GOLDEN SHOT“, натпреварувајќи се во дисциплините воздушен пиштол и пушка во возрасни категории од 14, 16, 18 и 21 години, како и во мешани тимови-микс тим односно дует.
Во конкуренција на натпреварувачи од повеќе клубови од Бугарија, Молдавија како и нашата земја, охридските стрелци постигнаа извондредни резултати.
На првиот натпреварувачки ден, свои настапи имаа: Кристијан Балоски, Теодора Спироска и Тамара Кичеец на воздушна пушка – меѓународна програма, при што Кристијан Балоски ја освои првата позиција во U21 (до 21 година), додека Теодора Спироска се пласира на втората позиција во категорија до 18 год (U18) стрелци на СК „Охрид”. Тамара Кичеец од ЖСК „Лихнидос” не успеа да се искачи на пиедесталот па мораше да се задоволи со петтата позиција. Истиот ден свој настап во ДУЕТ (микс тим) имаа и стрелците на пиштол: Иван Милевски и Стефанија Вељаноска од СК „Охрид“, како и Наталија Савеска и Климент Мостро од ЖСК „Лихнидос” кои натпреварот го завршија како второ, односно трето пласирани, во мешани тимови.
Вториот натпреварувачки ден стрелците на воздушен пиштол настапија во соло програм, пласирајќи се од првата до третата позиција и тоа: Иван Милевски со извондреден резултат од 371 кругови на првата позиција во U18 категорија, Стефанија Вељаноска на вицешампионската позиција во U21 категорија, додека Наталија Савеска заврши како трето пласирана исто така во U21 категорија. Единствено Климент Мостро не успеа да се закити со медал, заостанувајќи за 5 круга од второ и трето пласираниот, па заврши како четврто пласиран.
Во настапот на ДУЕТ тимовите на воздушна пушка (Теодора Спироска и Кристијан Балоски) не беше обезбеден пласман меѓу првите три позиции, поради технички проблем на едно од оружјата, додека во вториот тим настапиле млади и неискусни стрелци пред кои престојат уште многу натпревари каде ќе можат да ги покажат своите стрелачки вештини.
OhridNews