Охридските стрелци со одлични резултати на меѓународниот турнир „Илинден 2026“ кој се одржа на стрелиштето Бејбунар во Охрид во организација на СК „Охрид“, а под покровителство на општина Охрид и Македонската спортска стрелачка федерација-МССФ.

На турнирот учество зедоа речиси сите клубови од државава како и збратимените клубови од Бугарија-Санел од Сандански, Пирин од Благоевград и Тракиа од Пловдив.

Натпреварот се одржуваше во двете олимписки дисциплини-воздушна пушка и пиштол во три возрасни категории: млади јуниори-ки до 15 год; јуниори-ки до 21 година и сениори-ки над 21 година.

Во дисциплината воздушен пиштол во категорија на млади јуниорки настапија Теодора Мицкоска од СК „Охрид“ и Ана Мостро од ЖСК „Лихнидос“ кои се пласираа на втората позиција со резултат од 338 односно на третата позиција со резултат од 316 кругови. Во истата дисциплина во категорија јуниори првото место го зазеде Климент Мостро од ЖСК „Лихнидос“ со резултат од 549 кругови, додека на вицешампионската позиција се пласира Иван Милевски од СК „Охрид“ со резултат од 535 круга. На четвртата позиција се пласира Никола Тодороски од СК „Охрид’“ со резултат од 510 круга.

Кај јуниорките на пиштол на вицешампионската позиција се пласира Стефанија Вељаноска од СК „Охрид“ со 533 кругови, па следеа Наталија Савеска на третата позиција со резултат од 531 круга; Стефани Савеска на четвртата позиција со резултат од 528 и на петтата позиција Милица Кочовска (сите три од ЖСК „Лихнидос“) со резултат од 510 круга. Кај сениорите на пиштол единствениот претставник во сениорска категорија Велибор Балоски од ЖСК „Лихнидос“ се пласира на 5-тата позиција со резултат од 506 круга.

Кај младите јуниори на пушка најдобро пласиран беше Јован Баулоски од СК „Охрид“ кој со резултат од 385,4 круга заврши на третата позиција. Кај јуниорките на пушка четврта позиција за Тамара Кичеец од ЖСК „Лихнидос’’ со резултат од 580,9.  Кај сениорките на пушка вицешампионска позиција за Ива Маленко од СК „Охрид“ со резултат од 595,6 круга.

OhridNews