Голем дел од чаршиските продавници и малските маркети низ Охрид, во последните неколку години се почесто продаваат роба на вересија или на рати. Како причина за одложената наплата, трговците ја наведуваат кризата и беспарицата со која секојднавно се соочуваат граѓаните.

-И онака нема голем промет, па доколку не дадеме на вересија, робата може да ни остане непродадена. Давам на почек или на рати, само на луѓе кои што ги познавам, не давам вересија на непознати. До сега не се случило да имам проблем со наплатата иако има некои исклучоци, вели сопственичка на бутик во охридската чаршија.

Таа нагласува дека поради вересијата често се соочуваат со инспекциски контроли, бидејќи роба на одложено плаќање не може да се дава на физичко лице.


Голем е бројот и на охридските продавници, кои имаат склучено договори со институции и фирми, чии вработени можат да купуваат на рати.

-Вработените од овие фирми можат да земат роба и да ја отплаќаат на рати, во зависност од висината на сметката. Најчето се работи со административна забрана, односно месечната рата им се одбива директно од платата. Најголем број на муштериите купуваат со ваков начин на отплата, но има и такви кои плаќаат на рати со кредитни картички, велат вработените во продавница за бела техника.

Од охридските малски дуќани пак се жалат дека имаат цели тетратки со вересија.

-На вересија се купува се, имам муштерии кои се пишуваат дневно, па плаќаат истиот ден, но има и такви кои пазаруваат поголема количина на производи па плаќаат кога земаат плата или пензија. Често се случува да доцнат со плаќањата, а има и такви кои ги чекаме со месеци, вели сопственик на еден малски маркет во Охрид.

Тој објаснува дека во вересијата гледа начин на егзистенција бидејќи големите супермаркети се почесто им ги земаат муштериите.

-Ние како мали трговци не можеме да постигнеме цени и акции какви што имаат големите маркети, каде што не даваат вересија. Па на редовните муштерии ако не им дадам вересија, нема да можам да ги задржам повторно да купуваат кај мене. Со вересијата на некој начин си обезбедувам и редовна работа за мојот дуќан, вели нашиот соговорник, нагласувајќи дека познава неколку трговци од Охрид, кои ги затвориле своите дуќани поради големите долгови од вересија.

Упатените во работата со финансии велат дека не постои законска можност за наплата на долгот по основ на вересија, па трговците со овој начин на одложена наплата, си го ставаат бизнисот под ризик, бидејќи никако не можат да го докажат побарувањето.

Е.М