Охридските ученици не ги знаат видовите риби кои живеат во Охридското езеро кое го поврзуваат единствено со пастрмката. Ова го покажуваат резултатите од спроведената анкета врз вкупно 800 ученици од основните и средни училишта во општината, во рамки на проектот „Амбасадори на живиот свет на Охридското езеро“ што се реализира од Здружението „ Јадрански слив“, чија цел е едукација на младите за флората и фауната во езерото.

По извршената анкета на 500 ученици од основните и 300 од средните школи дојдовме до фрапантни податоци дека 100% од нив не ги знаат сите видови риби, 94% знаат само четири видови риби, а  92% не разликуваат пастрмка од крап. Од тие причини аплициравме за овој проект, бидејќи срамота е ученици од град на вода да не ги знаат видовите риба кои живеаат во езерото, вели Радован Димитриевски од здружението „Јадрански слив“.

Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското езеро потенцира дека еколошката едукација на младите е повеќе од потребна.

Ние како генерација веројатно го промашивме тој период на едукација и сега тоа создава проблеми. Новата генерација мора да ја има таа подлога за да гради подобар свет кој ќе биде базиран на основите на заштита на природата и со тоа да има позитивен пристап кон целокупната заштита на живиот свет, смета Пановски.

Првото предавање во рамки на проектот се одржа денес пред учениците од седмите и осмите одделнија од ОУ „Христо Узунов“.

Ова е прекрасна акција преку која младите ќе се запознаат со рибниот фонд во Охридското езеро. Можеби ова ќе биде и поттик, во иднина материјалот да биде и дел од наставната содржина од предметите по биологија, рече директорот на ОУ „Христо Узунов“, Тони Симоноски.

Според Трајче Талевски од Хидробиолошкиот институт ,резултатите од анкетата претставуваат голем минус за образовниот систем во Охрид и сознанијата со кои располагаат младите генерации.

Ако езерото го препознаваме единствено по охридската пастрмка тоа е голема грешка. Во езерото живеат и голем број други  видови риби кои се многу значајни за историјата на развојот на езерото и целиот еко систем, изјави Талевски.

 Во рамки на првата фаза од проектот, ќе бидат реализирани низа предавања во девет основни, три средни училишта во Охрид и едно основно училиште во Струга, каде од септември со проектот ќе бидат опфатени и останатите училишта.

Т.К.