Утре на 6-ти декември 2015 година со почеток во 12 часот во ОУ „Христо Узунов“ ќе се одржи првото коло од едукативно забавните „Училишни игри без граници“ наменети за учениците од основните училишта од Охрид во организација на Извидничкиот одред „Пионер“ со поддршка на општина Охрид.

Игрите ќе се спроведуваат во училишните спортски сали доколку временските услови не дозволуваат истите да бидат спроведени на отворено во училишните дворови. Дисциплините се прилагодени според возраста, од подрачјето на спретност, снаодливост, брзина, тимска работа, логика, ритмика и слично. Начинот на натпреварување ќе биде во т.н. куп систем каде што секоја екипа ќе се натпреварува со други врснички екипи, а понатаму продолжува само подобро бодуваната екипа. Најдобрите  од едно училиште ќе се натпреваруваат со екипи од друго училиште и така се додека не се дојде до победниците, појаснуваат од Извидничкиот одред „Пионер“.

Термините за одржување ќе бидат за време на викендите, а финалето се очекува да се одржи кон почетокот на месец мај 2016 година.

-Основна цел на настанот пред се е дружење и стекнувањето на нови пријателства, стекнување на доверба помеѓу учесниците и јакнењето на тимската работа, развивање на натпреварувачкиот дух меѓу децата и откривање на одредени вештини кои што до тогаш немале прилика да ги покажат и презентираат, создавање на почетни лидери,  промоција на поддршката на децата и младите од страна на институциите, како и градење на традиција, велат организаторите.

Тие ги повикуваат сите заинтересирани деца, наставници и родители да присуствуваат и навиваат за својата екипа.

OhridNews