По двочасовна расправа и пауза за координација на советничките группи, советниците едногласно одлучија- ќе има продолжување на работното време на сите угостителски објекти за вкупно 16 денови во месеците јули, август и септември.
Најголемиот број од нив се денови од викенд, а останатите неработни денови во кои се случуваат значајни манифестации во градот или празнични денови.
Во седум од вкупно 16- те денови, работното време на угостителските објекти ќе биде продолжено за два часа, а во останатите 9 дена, само за еден час.
Донесената одлука се однесува на деновите: 29 и 30 јули, за време на одржувањето на Илинденската регата, 1 и 2 август- празникот Илинден, 6, 7 и 8 август- празникот Свети Климент, 12 и 13 август- кога се одржува најголемата спортска манифестација во градот, Меѓународниот пливачки маратон, 19 и 20 август- за Денот на АРМ и одржувањето на Охрид фест, 26 и 27 август- за празникот Света Богородица и на 8, 9 и 10 септември, кога се одбележува Денот на независноста на РМ.
Во текот на расправата, советникот од ВМРО- ДПМНЕ, Кирил Пецаков потенцира дека продолжувањето на работното време на угостителските објекти само дополнително би го зголемил хаосот кој се случува во градот.
И според советниците на СДСМ и коалиционите партнери, предлог- одлуката каква што е поднесена до советниците, од страна на угостителите, е неприфатлива. – Продолжувањето на работното време како што се бара од страна на угостителите нема да ги реши ниту нивните проблеми, ниту проблемите на граѓаните и туристите. Со донесувањето на таквата одлука советот само би навлегол во една сфера на делување во која нема ингеренции. Ние како советничка група сме за продолжување на работното време само за одредени датуми и се надевам на подршка и од останатите советници, рече Томислав Тунтев, координатор на советничката група на СДСМ.
На денешната седница присутни беа и граѓани од стариот дел од градот каде се наоѓаат најголемиот број угостителски објекти.
– Граѓаните не се за продолжување на работното време на угостителските објекти. Непочитувањето на работното време, бучавата, се основните проблеми со кои се соочуваме со години наназад и за кои е потпишана и петиција доставена и до локалната самоуправа. Воопшто навечер не можеме да спиеме поради гласната музика и апелираме до надлежните инспекциски служби да ги превземат сите потребни мерки за решавање на проблемот, рече Наум Јамандиев, член на Урбана заедница 1 – Стар град.
Против продолжувањето на работното време на угостителските објекти се изјаснаа и дел од сопствениците на ноќните клубови во градот.
– Против сме продолжување на работното време на кафулињата, затоа што со тоа згаснуваат ноќните клубови во градот и ни се нанесува голема неправда. Револтирани сме што законските измени кои се однесуваат на угостителската дејност се прават без соработка со угостителите, рече Илија Џепароски, сопственик на ноќниот клуб „Арена“.
OhridNews