Охридските угостители со поделени мислења за дел од новите мерки за заштита од коронавирусот, со кои, меѓу другото, се забранува посета на угостителски објекти без сертификат за примена вакцина или прележан Ковид19 не повеќе од 45 дена.

Дел сметаат дека потребни се ваквите мерки и зголемување на процентот на вакцинација за да се врати животот во нормала, па и работата на угостителските објекти, додека дел сметаат дека не е хумано ваква поделба на граѓаните на вакцинирани и невакцинирани, а од друга страна трпи и работата и прометот во објектите.

Од утрово започнавме со примена на мерките, баравме од гостите потврда за примена вакцина и реакцијата од нивна страна беше во ред, немавме никакви проблеми. Се уште сме на почетокот се навикнуваме и ние угостителите, секако и гостите. Мерките се прифатени од наша страна и се применуваат вели Благоја Трајкоски, сопственик на „Ла Фабрик“.

Дел од угостителите велат дека полесна за применување им е варијантата објектот да биде исполнет со помалку од 30 гости и да се внимава да не се надмине бројката, во однос на проверка на сите гости на вакциналниот статус. Но, дел сметаат дека мерките ќе донесат и економската загуба.

Не е во ред ние угостителите да бидеме редари, работа која треба да ја вршат службите од полиција. Имаме многу негативни реакции од гостите, но со објаснување дека не е до нас, туку мерките се такви се смирува ситуацијата. Голем дел од гостите се вратија, ако на пример требаа да влезат 10 гости, влегоа 5. Кој ќе ни ја надомести економската штета?, вели Ерол Су, сопственик на „СУ хотел“.

Инаку, според мерките од денес се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект на отворено, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани) на отворено. Мерката се однесува на лица над 18 годишна возраст. Се забранува работа и организација на секаков вид настани на затворено во сите угостителски објекти (и во кафетерии), вклучително и прослави во угостителски објекти регистрирани за прослави или друг тип објекти од затворен тип.

Со дополнувањето на рестриктивните мерки, во угостителските објкети ќе може да влезат и прележани од Ковид -19 со медицинска потврда дека биле заболени од Ковид -19, но само првите 45 дена, сметајќи од денот кога оздравеле. По завршувањето на овие 45 дена, од прележувањето, и за овие граѓани ќе важи дека за влез во објекти треба да приложат серитификат за вакцинација, односно потврда за примена барем прва доза вакцина.

Н.С.Ј.