Денес е 8-ми Март Меѓународниот ден на жената. Овој празник треба да се слави со цел да им се оддаде почит на жените кои во минатото се бореле за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Каква е позицијата на жените во Охрид и колку женското делување е значајно во општествените текови и локалните структури, ги запрашавме претставниците на ”посилниот пол”. Еве што добивме како одговори:
Јоне Станкоски, советник во Советот на општина Охрид
Јас никогаш не сум ги делел и не сакам луѓето да ги делам по пол, туку секогаш за мене постои успешен или неуспешен човек. Мислам дека жените во Охрид, како во политиката, така и во институциите се доста застапени и голем дел од нив успешно ја извршуваат задачата која им е дадена. Имаме доста примери за успешни жени кои треба да бидат водилка на сите. Ние сме пример каде во Советот на општина Охрид прв меѓу еднаквите е жена. Можеби во некој нареден период ќе имаме жена градоначалник, премиер или претседател на државата.
Жената пред се е мајка, столб на секое семејство. Тргнувајќи од семејството, кое е основната клетка на општеството, сметам дека доколку не би била вклучена жената во општествените процеси ништо не би било исто. Оттука нужна е потребата на вклученоста на жената во општеството и целокупното државно уредување. Покрај добри домаќинки мислам дека жените можат да бидат успешни во секое поле и да бидат целосно рамноправни со мажите во секоја професија.
Александар Бачиќ, новинар на ,,МИА”
На локално ниво жената во Охрид добро котира, што е потврдено со тоа што жени се наоѓаат на раководни функции и тоа не само во форма на исклучоци, туку како нормална појава во натпреварот за лично и професионално докажување. Тоа воопшто не би требало да биде некаков хендикеп, напротив, моја оценка е дека жените во некои ситуации и на некои позиции мошне подобро знаат да се справат со предизвиците. Особено добро умеат да решаваат проблеми кога се во прашање меѓучовечките односи во било кој колектив.
Присуството на жената во сите општествени текови претставува квалитет повеќе, а општеството во иднина треба да се стреми кон зголемување на бројот на припаднички на „понежниот пол“ во целокупното општествено живеење. Исполнетоста на жената на професионално ниво, секако ќе придонесе за подобри односи во семејството што е основа на секое здраво општество.
Ангел Јанев, советник во Советот на општина Охрид
Навидум кај нас и но и во светот, впечаток е дека жените не се доволно позиционирани, но јас лично не го делам ваквото мислење. Доказ за тоа е можеби е најпозната Ангела Меркел, поранешната Лејди Маргарет Тачер, Мадона, Опра. На локално ниво, во Охрид, но и во Македонија слично е како и во целиот свет, има многу успешни жени. Доказ за тоа се успешните жени позиционирани во болниците, образовните институции, новинарските куќи и на многу други раководни позиции. Жените се успешни и во приватниот сектор, а многу малку фирми кои се раководени од жени се неуспешни.
Лично немам никакви предрасуди и во поглед на жените и нивната позиција во општеството. Сметам дека ни општество, ни држава, ни град, ни институција, ни семејство, ништо не би било функционално ако жената не е дел од севкупното живеење.
Стефан Димовски, потпарол на СВР-Охрид
Во Охрид има жени кои се способни и успешни на деловен план и кои ја покажале својата професионалност во работата. Драго ми е кога гледам дека жени раководат со одредени ресори во јавната администрација или во бизнисот и кога повеќе од видливи се нивните квалитети, храброста и успешноста во раководењето. Сепак сметам дека сеуште има простор за поголема присутност и активна вклученост на жените интелектуалки во јавниот и политичкиот живот.
Во комуникација, жените ги сметам за еднакви соговорници, го почитувам нивното мислење. Во суштина, жените се покреативни и поинвентивни од мажите, а тоа можеби е и тајната на нивната поголема способност од мажите. Жените имаат важна улога во општествената заедница, тие го даваат клучниот придонес во севкупното општествено живеење и пулсирање на заедницата и нејзината основна ќелија-семејството. Поубаво ќе функционира системот ако имаме поголема полова рамноправност, еднакви права и можности за жените како и поизразен пристап до образованието и поголема присутност на жените во економско- политичкиот живот.
Томислав Тунтев, советник во Советот општина Охрид
Современите текови покажаа и докажаа дека не постои област на делување, сфера на ангажман, активност или работа, каде што жената не може сосема рамноправно да му парира на мажот, односно каде што жените не можат да ги достигнат, па дури и да ги надминат резултатите и остварувањата постигнати од страна на мажите. Иако сеуште недоволно, сепак во Охрид постојат и делуваат голем број успешни жени, во однос на постигнувањата во своите професионални, политички или општествени кариери.
Воопшто не ми пречи доколку жените сакаат да бидат рамноправни со мажите, односно доколку имаат амбиции да ги покажат и валоризираат сопствените квалитети на сите полиња. Напротив, јас повеќе верувам во моќта на расудување, посветеноста, доследноста, организираноста, упорноста, пожртвуваноста и приврзаноста кај жените, отколку кај мажите. Основната и движечката сила на секое општество произлегува од семејството, а жените се столб на секој успешен и среќен семеен живот. Покрај тоа, денес и да не постои професија, во која што жените не можат со полн капацитет да им конкурураат на мажите.
Д-р Сашо Василевски, специјалист по интерна медицина
Охрид има влијателни и успешни жени но сметам дека потенцијалот, профеионалноста и амбициите кои ги поседуваат не се доволно искористени. Самиот факт дека претседател во Советот на општина Охрид е една успешна жена, јасно покажува дека не постои бариера во ангажирањето на припадничките на понежниот пол на локално ниво. Голем број жени од нашиот град може да се издвојат како успешни во многу професии, многу од нив раководат со институции, а се истакнуваат со големи успеси и како менаџерки во деловниот свет. Исто така кај жените се чувствува и силен потенцијал за да се организираат и да се здружат во клубови, како што е на пример Лајонс Клубот ,,Деница’’ кој е составен од 28 жени кои со својата креативност и посветеност, многу пати до сега организирале успешни хуманитарни проекти.
Мислам дека не е доволен само 8-ми Март за да се даде почит кон жените туку секој ден во годината треба да е 8-ми Март и на жената да и се дарува љубов, почит, нежност и заштита.
Е.М