Во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, во пресрет на Меѓународниот ден на жената, се одржa поетското читање под наслов: „ Убав и нежен стих – ист како жените“. Жените – поети: Марија Младеноска, Иванка Балева и Горка Донеска членки на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца и на програмата „Грижа за стари лица“ при Црвен крст – Охрид читаа свои творби.
Со извадок од својата поема посветена на мајката и стихови од охридската поетеса Кристина Рудеска настапи поетот Љупчо Милковски. Свој настап во рамките на проектот „Вие нам музика, ние вам книга“ на нашата библиотека и ОМУ „Методи Патче“ настапи младата и надежна виолинистка Лина Николеска.
М-р Милчо Јованоски од библиотеката, модератор на настанот, од богатата ризница на македонската поезија презентираше љубовни стихови во кои е опеана убавината и нежноста на жената.
Присутните имаа можност да ја видат и изложбата на дела од роднокрајните автори родени во март: Јане Велјаноски, Левко Андоновски, Мито Спасески, Благородна Буџак, Славе Ѓорѓо Димоски, Маринела Јовановиќ и Тоде Илевски.












