Жените вработени во јавното претпријатие „Нискоградба“, во соработка со Црвен крст Охрид, покренаа иницијатива за организирање хуманитарна акција за помош на жените од поплавените подрачја во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска.
Идејата е секоја жена која сака да помогне, во кутија од чевли, да стави се она што според нејзината проценка и е неопходно на една жена.
– Ние жените најдобро знаеме што ни е најнеопходно во една таква тешка ситуација. За една тоа се средства за лична хигиена, за друга прехранбени производи, сепак тоа оставаме да биде лична одлука на жената која ќе го прави пакетот, вели Орхидеа Топенчарова, една од иницијаторите на хуманитарната акција.
Топенчарова потенцира дека пакетите, според инструкциите добиени од Црвен крст не треба да содржат облека . Не треба да се залепени, со цел да се проверат , а пожелно е на секој од нив да биде напишана содржината. Оние кои донираат, доколку сакаат, може да напишат и порака за поддршка .
Донациите може да се достават секој работен ден во просториите на ЈП „Нискоградба“ од 9 до 15 часот или во кафе бар Ликвид. Заинтересираните за повеќе информации може да се јават и на телефонскиот број 046/260-298.
OhridNews