Охридско лето веќе 61-година е празник на уметноста благодарение токму на оперската примадона Ана Липша Тофовиќ. Нејзината благородна мисија е аманет за сите нас да го негуваме и оддржуваме блесокот на оваа сцена, рече Наташа Поповиќ директорка на фестивалот „Охридско лето“.

На овој убав ден Охридско лето добива биста на Ана Липша – Тофовиќ, излеана во бронза, дело на академик Димо Тодоровски, со наслов „Орфеј на Ана“ што за нас претставува вреден спомен кој секогаш ќе не потсетува на нејзиното дело и зборовите „ да ни е вечно Охридско лето “ вели Поповиќ.

Ликот на Орфеј во „Орфеј и Евридика“ на Кристоф Вилибалд Глук е желба на Ана Липша Тофовиќ која во 1950 година премиерно ја изведува на Операта при МНТ. Токму таа страст и големина на ликот скулпторот Тодоровски ја преточува во елегантна и суптилна форма, со здржана лиричност, строга поетичност  на чувствата и голема симболика во преточувањето на ликот на Орфеј и можноста на Ана Липша Тофовиќ вели Ивана Јарчевска раководител на Музеј при МНТ.

Денес на денот кога оперската примадона Ана Липша Тофовиќ во 1961 година го означи меѓународниот фестивал ОЛ, НУ МНТ на фестивалот му предава биста на големата Ана Липша Тофовиќ, дело на академик Димо Тодоровски, датирано во 1970 година, со наслов „Орфеј на Ана“. Бистата е во бронза, со димензии 99х55х32. Во договор со синот на Ана Липша Тофовиќ, кој за жал од оправдани причини не можеше да присуствува на оваа прес конференција, МНТ излеа, според оригинална гипсена биста три сигнирани  копии во бронза од кои една е во сопственост на д-р Стефан Тофович, една е дел од музејската поставка на МНТ а една еве денес се предава на НУ „Охридско лето“ додава Јарчевска.

Охридско лето е фестивал најголем  од сите културни манифестации кој духовно го збогатува Охрид. Охридско лето е препознатлив знак на нашата држава и најголем културен амбасадор насекаде во светот. Тој е нашата духовна престолнина,  вели Даница Стојанова- селектор на музичката програма на Охридско лето.

Охридско лето, како  духовно пристаниште кое низ уметноста ги обединува луѓето и народите, нивното наследство, но и нивната иднина годинава го прославува својот 61-ви роденден со македонската музичка етно група СИНТЕЗИС на сцената на Античиот театар со почетокот во 21 часот, истакна Даница Стојанова- селектор на музичката програма на Охридско лето.

Инаку бистата на големата уметница Ана Липша Тофовиќ, ќе ги краси просториите на Фестивалот „Охридско лето“.

Н.С.Ј