Како што истакна ВД директорот на фестивалот, Илија Мојсоски, најновото фестивалско издание отвара нова страница и димензија во својата фестивалска историја, како во поглед на опстојувањето низ изминатите 50 години, така и од аспект на својата програмска уметничка носивост.
– Од првиот одржан концерт на 4 август 1961 година, фестивалот од година во година се развива по нагорна линија, прераснувајќи во манифестација која денес претставува пример како треба да се негува и одржува еден фестивал низ годините. Како потврда за сето ова се програмските остварувања, од највисок уметнички ранг и резултати со кои “Охридско лето” прерасна во институција со апсолутно најголема и најзначајна продукција на приредби од областа на сите уметности, рече Мојсоски.
Низ историјата на културниот развиток на Македонија најблескавото место несомнено му припаѓа на фестивалот ‘Охридско лето”, потенцира претседателот на Управниот одбор на фестивалот, Зоран Велјаноски- Летра.
– Умешноста на уметноста е непобедлива, бидејќи никој не се бори против никого, туку се натпреварува со инструментот, со говорот, со гласот. Тоа е фестивалот низ сите овие години, внатрешна борба на мирот, во време и простор кој не е ограничен и кој не остава уште долго да слушаме, сонуваме и мечтаеме. “Охридско лето” веќе 51 година е самитот на свестката култура, собрана во срцето на Европа, во Охрид, истакна Велјаноски.
Според музичкиот селектор на програмата, Гордана Јосифова- Неделковска, досегашните позитивни реакции од музиколозите, но и од самата публика, е доказ дека сето она што беше замислено одлично се реализиара.
– Стручната критика, но и оценката на публиката е она врз кое може да заклучиме дека досега реализираното е навистина извонредно. Позитивните реакции многу ни значат и претставуваат поттик и понатаму да продолжеме со ваквото темпо, рече Неделковска.
Задоволство од досега реализираните содржини на годинешното издание на фестивалот искажа и драмскиот селектор, Ѓорѓи Јолевски.
– Претставите беа посетени од многубројна публика, секогаш се бараше место повеќе за да се изгледаат претставите. Се надевам дека така ќе биде до затворањето на овогодинешното издание на фестивалот, рече Јолевски.
Вечерашниот настап на осумте тенори, Александар Захаров, Максим Пастер, Сергеј Писарев, Александер Скварко, Александер Богданов, Михаил Урусов, Ѓеорги Фараџев и Димитриј Сибирцев, на Антички театар кој се најавува како уште еден спектакл, е посветен токму на 51- от роденден на фестивалот.